СОНК реши да продолжи уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите, вели премиерот Димитар Ковачевски откако Самостојниот синдикат за образование, наука и култура викендов ја одби понудата на владата за покачување на платите и штрајкот во училиштата и градинките денеска влезе во втората недела.
„Денес започнува втората недела во која децата нема да бидат во училишните клупи. Со одбивањето на понудата за покачување на платите од 10%, СОНК реши да продолжи со уцени кои се единствено на штета на образованието на учениците и им го отежнува секојдневието на родителите. Владата прави сериозни напори за да се избори со кризата, да ги амортизира поскапувањата и да обезбеди достоинствен живот за нашите граѓани, пред сѐ за најранливите. И во вакви тешки услови на светска криза, ние сме веројатно единствената Влада која овозможи историско зголемување на платите и пензиите и силно финансиски ги поддржа граѓаните. И покрај сѐ, СОНК смета дека покачувањето на платите од 2.500 денари е малку. Во услови кога со антикризните мерки кои ги донесе владата сметките на граѓаните се помали за 4.000 денари месечно. Ова едноставно не може да се смета за разумен став туку за очигледен притисок со што е евидентно дека СОНК личните интереси го става пред оние на децата“, напиша Ковачевски на Фејсбук.
Ковачевски потсети дека 0д 2017 година до денес, платите во образованието ги покачивме за 21% и додава дека со овие дополнителни 10% тоа би биле 31% покачување кои за СОНК во услови на светска економска криза не се доволно.
„За споредба, за пет години, од 2011 до 2016 година платите во образованието беа покачени за само 4%. Владата прави сѐ што треба за да го одржи дијалогот и да најде заеднички јазик, но барањата и односот на СОНК се целосно неприфатливи. Местото на децата е во училиштата и во оваа ситуација единствено СОНК и раководството се одговорни за тоа што тие не го остваруваат правото на образование“, вели Ковачевски.
Денеска за штрајкот на просветните работници се огласи и ДУИ, чиј кадар е министерот за образование Јетон Шаќири. Од партијата велат дека одбивањето на зголемувањето на платата на наставниците за 2.500 денари е политичка агенда против учениците и родителите.
„Одбивањето на зголемувањето за 2.500 денари или 10% на платите од страна на обединетиот Синдикат за образование, наука и култура како и методологијата за постепено зголемување и трајно решавање на социјалниот статус на образовниот кадар е политичка агенда против учениците и родителите. Демократската Унија за Интеграција смета дека со одбивањето на понудата дадена од страна на Владата, СОНК ги става личните интереси над интересите на учениците, додека штетата оди на сметка на наставниците и учениците токму во пресрет на завршувањето на наставниот процес, бидејќи правото на образование на секое дете е загарантирано и со Уставот“, велат од ДУИ.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на вчерашната прес-конференција соопшти дека не ја прифатиле понудата за зголемување на платите за 10%.
„Донесовме одлука за продолжување на генералниот штрајк и за неприфаќање на понудата на Владата. Над 95% од синдикалните организации ја отфрлија понудата за зголемување на платите за 10%, зашто тоа не соодветствува со зголемувањето на минималната плата во државата и не придонесува за враќање на достоинството на професијата“, кажа Неделков.
СОНК го почна штрајкот на 11 април и Неделков тогаш кажа дека е поддржан од 25.000 вработени во градинките и училиштата.