СОПСТВЕНИК НА МЕНУВАЧНИЦА ВО СКОПСКА КИСЕЛА ВОДА УБИЛ ДВAЈЦА ШТО САКАЛЕ ДА ГО ОГРАБАТ, ПОТВРДИ МВР

    СОПСТВЕНИК НА МЕНУВАЧНИЦА ВО СКОПСКА КИСЕЛА ВОДА УБИЛ ДВAЈЦА ШТО САКАЛЕ ДА ГО ОГРАБАТ, ПОТВРДИ МВРЕкипа на погребалното претпријатие ги подига двете безживотни тела на мажите кои според полицијата се обиделе да извршат разбојништво во менувачницата (Фото: М. Златевска)

    Две лица кои попладнево влегле да ограбат менувачница во скопската населба Кисела Вода се мртви, потврдија од Министерството за внатрешни работи.

    Во лицата кои биле вооружени пукал сопственикот на менувачницата Г.А. од Скопје, откако прво дошло до физичка пресметка. Лицата починале на лице место, а според изјави на очевидци за САКАМДАКАЖАМ.МК сопственикот на менувачницата пукал во нив во глава. Повреден при нападот бил и сопственикот на менувачницата.

    Телата на убиените лежеа на подот на менувачницата, каде екипите од МВР вршеа увид, а погребални возила од АД „Бутел“ чекаа да ги преземат лешевите.

    „Во 16.35 часот во Единицата за известување и команда добиена е пријава дека на улицата Борис Трајковски во Скопје, во менувачница, имало пукање од огнено оружје. Според првичните сознанија, две засега непознати лица, на чија што идентификација се работи, влегле во посоченото време во менувачницата во која што се наоѓал сопственикот на истата Г.А. (58) од Скопје. Во обид да извршат разбојништво и вооружени со огнено оружје, настанала, прво, физичка пресметка со сопственикот на менувачницата, по што Г.А. посегнал по пиштол и пукал во правец на напаѓачите кои починале на местото на настанот“, велат од МВР.

    Полициски екипи од СВР Скопје веднаш по дојавата излегле на местото на настанот каде што во присуство и надлежност на дежурен јавен обвинител е започнат увид.

    „СВР Скопје во соработка и координација со дежурен јавен обвинител работи на расчистување на случајот и по неговото целосно документирање, јавноста ќе биде благовремено информирана“, соопштуваат од МВР.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира