Сопственикот на интернет страницата „Доказ“ Марјан Стаменковски, за четири кривични дела сторени со текстови преку неа, од Кривичниот суд Скопје денеска доби неправосилна казна затвор од три години и еден месец. Дополнително, за злоупотреба на лични податоци, казнет е со 5.000 евра глоба.
Судијката Марија Клетничка – Марковска му изрече и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно забрана да врши регистрација на домеин на портал за време од 10 години, сметано од време на правосилноста на пресудата.
Престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени.
Стаменковски е осуден за две кривични дела ширење расистички и ксенофобичен материјал и едно дело: уцена, пиратерија на аудивизуелно дело и секако, за злоупотреба на лични податоци.
Обвинението беше по кривичните пријави поднесени од жртви на Стаменковски во текот на 2022 и на почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб страната во негова сопственост.
Така, во периодот од 10.01.2023 година до 02.02.2023, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот го контактирал оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Откако оштетениот одбил средба, на интернет порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело – Уцена.
Oд почетокот на февруари 2022 година, без одобрение на овластениот дистрибутер на кој филмскиот продуцент му го пренел своето право на аудиовизуелно дело, обвинетиот на веб порталот ставил на располагање на јавноста заштитено аудиовизуелно дело, овозможувајќи негово неограничено јавно прикажување. Со тоа предизвикал штета за оштетеното правно лице – телевизија, кое согласно Договор за лиценцирање на телевизиска програма имало ексклузивни авторски права да ја емитува содржината. Притоа обвинетиот сторил кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело.
Преку веб порталот во сопственост на обвинетиот биле објавувани серија текстови со кои во повеќе наврати се шири омраза и нетрпеливост кон двајца пријавители – свештеници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Во објавените текстови, обвинетиот изнел директни тврдења дека споменатите свештеници биле поврзани со домашни и странски тајни служби, со цел да се предизвика револт и омраза кон нив, но и раздор во верската заедница. Во текстовите се упатуваат и заканувачки зборови со кои се поттикнува народот да дојде да ги избрка свештениците од манастирот во кој служат. Текстовите обвинетиот ги споделувал и на својот профил на социјална мрежа каде поттикнал жестоки полемики, навредувачки коментари и говор на омраза поради верски убедувања, со што сторил кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Основното јавно обвинителство Скопје постапуваше и обезбеди докази и по поднесена кривична пријава од две новинарки, кои пријавиле дека на веб порталот од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Во текот на постапката, жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепија своите сомненија дека позадината на објавите на веб порталот е да им се изврши притисок и цензура. Во текстовите обвинетиот директно промовирал омраза и врз основа етничка припадност. Со тоа обвинетиот се товари дека сторил уште едно кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Во наведениот период додека во обвинителството се водеше постапката против обвинетиот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејствија во повеќе кривично-правни предмети, вклучувајќи го и предметот против него. Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, па затоа обвинетиот се товари и за кривично дело – Злоупотреба на лични податоци.
По барање на обвинителството, а со одлука на судот, судскиот процес се одвиваше зад затворени врати поради заштита на приватноста на жртвите или, како што рече обвинителката Зорица Павловиќ, од причина што се работи за кривични дела против моралот и со цел да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи.
Во тек е уште една истрага против Стаменковски, по пријава на нови жртви кои Стаменковски ги малтретирал со објави на веб страницата „Доказ“, нарачани од трети лица. При претресот дома кај Стаменковски, истражителите нашле 90.000 евра, за кои обвинителството смета дека се пари од нарачатели на вознемирувачки текстови за жртвите.
Јавноста очекува оваа истрага да ги обелодени имињата на нарачателите.
С. К. ДЕЛЕВСКА