СОЦИЈАЛИСТИТЕ, ЗЕЛЕНИТЕ И ЛЕВИЦАТА ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА ПОДДРЖАА НОМИНАЦИЈАТА НА ЗАЕВ И ЦИПРАС ЗА НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА МИР

    СОЦИЈАЛИСТИТЕ, ЗЕЛЕНИТЕ И ЛЕВИЦАТА ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА ПОДДРЖАА НОМИНАЦИЈАТА НА ЗАЕВ И ЦИПРАС ЗА НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА МИРДоговорот од Преспа е модел како треба да се решаваат меѓународни проблеми. - Зоран Заев и Алексис Ципрас на 17 јуни во Отешево (Фото: М. Златевска)

    Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, ја добија поддршката за номинација за Нобелова награда за мир за 2019 од страна на лидерите на три партиски групи во Европскиот парламент, Удо Булман (Социјалисти и демократи), Ска Келер (Зелени/Европска слободна алијанса) и Габи Цимер (Европска обединета левица/Скандинавска зелена левица), ексклузивно дознава грчката новинска агенција АНА-МПА.

    „Договорот од Преспа, потпишан од Грција и Македонија, става крај на долготраен спор и носи стабилност во регионот на Западен Балкан“, се вели во заедничката изјава на тројцата политичари.

    Тие додаваат дека овој Договор е „модел како треба да се решаваат меѓународни проблеми, а тоа е низ дијалог и заемен компромис“.

    „Заев и Ципрас покажаа политичка храброст да продолжат со договорот, и покрај спротивставувања од националисти. И затоа, ја поддржуваме номинацијата за Нобелова награда за Заев и Ципрас, што ја поднесе Видед Бушамауи од Тунис, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2015, на 18 декември 2018 во Скопје“, велат Булман, Келер и Цимер.

    Презентирајќи ја номинацијата во Скопје, нобеловката Бушамауи кажа дека Преспанскиот договор е модел за решавање на проблемите во иднина и дека неговата ратификација ќе испрати силна порака дека дијалог е можен.

    Потпретседателот на Европскиот парламент Димитрис Пападимулис и пратеникот од редовите на СИРИЗА Стелиос Кулоглу исто така имале важна улога во оваа иницијатива, а се очекува и други водечки европски политичари да ја дадат својата поддршка, дознава АНА-МПА.

    Грчкиот парламент вчера го ратификуваше Договорот со 153 гласа „за“, со што на Македонија ѝ се отвора можност конечно да го почне процесот на придружување кон НАТО и ЕУ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира