СОВЕТНИКОТ НА СПАСОВСКИ КАЖАЛ НА ОСОМНИЧЕНА ДЕКА Ѝ ГИ СЛУШААТ ТЕЛЕФОНИТЕ И ДА БИДЕ ВНИМАТЕЛНА ОТИ ЌЕ ЈА СЛЕДИ АГЕНТ

    СОВЕТНИКОТ НА СПАСОВСКИ КАЖАЛ НА ОСОМНИЧЕНА ДЕКА Ѝ ГИ СЛУШААТ ТЕЛЕФОНИТЕ И ДА БИДЕ ВНИМАТЕЛНА ОТИ ЌЕ ЈА СЛЕДИ АГЕНТМинистерството за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека против неговиот советник Д.С. денеска е поднесена кривична пријава и нема да толерира загрозување на истраги и постапки без разлика дали некој има позиција во институциите (Фото:СДК.МК)

    Советникот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој вчера беше уапсен, кажал на лицето за кое се водело истражна постапка дека се следат нејзините телефонски разговори, ја предупредил да биде внимателна и дека ќе ја следи прикриен агент, соопшти МВР.

    Како што соопштуваат од МВР пријавениот Д.С. во текот на февруари 2018, како државен советник за полициски и криминалистички работи во кабинетот на министерот за внатрешни работи, со пречекорување на службените овластувања прибавил службена тајна, класифицирана како „строго доверливо”. Потоа на 26 февруари, во просторија на здравствена установа во Скопје, на средба со лицето над кое се применувале посебните истражни мерки ѝ ја пренел службената тајна. Тој ѝ кажал дека над нејзе е во тек истражна мерка и дека се следат сите нејзини телефонски броеви. Советникот на Спасовски ја предупредил да престане да го прави тоа што го прави и да биде внимателна, поради тоа што може во текот на наредните денови да биде применета и друга мерка со користење на прикриен агент.

    „Свесен за оддавањето на службената тајна, побарал од лицето да не го споменува дека од него е добиен податокот дека над истата се спроведуваат посебни истражни мерки. На тој начин нанел штета на постапката која што се водела над лицето, попречувајќи да се обезбедат докази битни за таа постапка, со што истиот го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, предвидено и казниво по член 353 од КЗ“, велат од МВР.

    Министерот Спасовски денеска изјави дека нема да толерира загрозување на истраги и постапки, без разлика дали некој има позиција во институциите. Спасовски кажа дека денеска против Д.С., кој му бил советник за криминалистички работи е поднесена кривична пријава за сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира