Комитетот на министри на Советот на Европа, на состанокот од 17-19 септември за надзор над извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, повторно за Македонија ја истакна неизвршената пресуда што ја изгуби државата од трансродовото лице Икс за повреда на неговото право да го истакне својот род.
Практично пресудата е извршена само индивидуално, т. е. на лицето Икс му е дадена нова ознака за род, односно нов матичен број. Уште не е донесен нов Закон за матична евиденција со кој ќе се овозможи брза, лесна и достапна процедура за овие лица, а стои во пресудата дека треба да се донесе.
Македонските претставници кажале дека сега непречено им се овозможува на трансродовите лица да ја сменат ознаката за род во матичниот број, односно да го сменат матичниот број, што е делумно исполнување на пресудата. Во неа јасно се наведува дека македонското Собрание мора да донесе закон со кој ќе се овозможи непречено менување на родот, без овие (неколку) луѓе да бидат изложувани на срам, односно терани прво да поднесат барање до Управата за водење матични книги, па тие да ги одбиваат барателите, па овие потоа да се жалат до Второстепената владина комисија или до Управниот суд, па дури тогаш да се согласи Управата да им даде нова назнака за род, односно нов матичен број.
Комитетот на министри ги повика македонските власти да постават индикативен временски рок за завршување на законодавниот процес и ефективно да се изврши оваа пресуда.
Сепак, Комитетот на министри на Советот на Европа со задоволство го забележал континуираниот позитивен развој на домашната практика во врска со промените на евиденцијата во официјалните документи, вклучително и консолидирањето на административната практика на Второстепената комисија, дозволувајќи им правно признавање на полот, вклучително и врз основа на самоопределување и без наметнување медицинскиот третман како услов за правното признавање на полот. Во очекување на усвојувањето на новата легислатива, повторно силно ги охрабрува властите да продолжат со оваа практика.
Комитетот очекува Македонија да достави ажурирани информации до 15 јуни 2025 за секој понатамошен развој во врска со усвојувањето на новото законодавство.
Измените на Законот за матична евиденција во делот на трансродовите лица беа повлечени во март 2022, за да се донесе до крајот на 2024 нов и сеопфатен закон, во кој би биле и лицата без идентитет. Сепак, иако за нив се направија измени, трансродовите лица останаа без закон.
По повлекувањето, државата почна да ги впишува трансродовите кои побарале промена на родот (ознаката за родот, т. е. матичниот број), со налог од Второстепената владина комисија или со тужби преку Управниот суд. Односно, Управниот суд почна да дозволува вакви тужби и така делумно се решава проблемот.
Но, државата сè уште нема брза, транспарентна и достапна процедура во националното законодавство што би дозволило промена на полот/родовиот маркер во извод од матична книга на родените на трансродовото лице.
С. К. ДЕЛЕВСКА