СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ БАРА ДОДАТОЦИ НА ПЛАТИТЕ ЗА ДА МОЖЕ ПОЕФИКАСНО ДА ИЗБЕРЕ ОБВИНИТЕЛИ ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ

    СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ БАРА ДОДАТОЦИ НА ПЛАТИТЕ ЗА ДА МОЖЕ ПОЕФИКАСНО ДА ИЗБЕРЕ ОБВИНИТЕЛИ ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИКога се расправаше за додатоците на платите, Советот на јавни обвинители не дозволи да влезе новинарска екипа на седница, иако седниците по закон мора да бидат јавни. (архивска фотографија)

    Советот на јавни обвинители кој седум месеци не може да да избере петмина обвинители за организиран криминал и петмина да унапреди во Вишото јавно обвинителство-Скопје, не може ниту една дисциплинска постапка против да истера докрај, а нема ниту разрешено обвинител, заседаваше за додатоци на плати.

    Со вакви резултати и остварувања, тие бараат надоместоци од околу 30 отсто од платите, за ризик и доверливост во работата.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто не се закажува седницата за избор на обвинители, претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски вели дека потребно е уште малку време за консултација и усогласување меѓу членовите, за да не се случи да не се изберат и унапредат обвинители. Тој вели дека дури во февруари стасале оценките на 40-темина кандидати за двете места на огласот.

    Но, според обвинители со кои разговаравме, а кои конкурирале, но и генерално, таа неусогласеност произлегува од притисок на политички партии за кандидати кои никако не смее да се изберат, како и за тие кои мора по секоја цена да се изберат. Бидејќи се бираат и со Бадентер, пазарот за имињата се усложнува и проби два месеца од добивањето на оценките.

    Седница нема да има ни оваа недела. Поради сомневања за однапред договорени имиња за обвинители за организиран и за во Вишото скопско обвинителство, каде што по жалба одат предметите од Обвинителството за организиран криминал, многу обвинители си ги повлекоа документите од огласот.

    На прашање зошто не ја закаже седницата за избор и тие, како што вели тој, „консултации и усогласувања“ да се прават јавно, за граѓаните да слушнат кој е најдобриот, зошто некој обвинител е подобар од друг, кои се квалитетите на секој од кандидатите, Колевски вели дека целта е претходно да се усогласат имињата за да не се случи да остане некое место празно.

    За споредба, изборот на судии Судскиот совет го прави јавно. Пред јавноста членовите се расправаат зошто некој судија треба да е избран, а друг со иста оценка не. Се случува членови и демонстративно да напуштат седница, од 5 места да се изберат само двајца судии.

    Судско-медиумскиот совет предводен од новинарите во ова тело, два месеца го моли Советот на јавни обвинители да ги отвори седниците кои ги одржува далеку од очите на јавноста. Простории има во Државното јавно обвинителство, кое е оддалечено 12 чекори од Советот. Новинарите молат барем седницата за овој многу важен избор да оди директно преку апликацијата Зум.

    Токму кога се расправаше за додатоците на платите, Советот на јавни обвинители не дозволи да влезе новинарска екипа на седница. Патем, седниците по закон мора да бидат јавни.

    Aмбасадорката на САД Кејт Брнз, на онлајн настан за одбележувањето на Денот на правосудството 31 март, ја посочи како негативен пример одлуката на Советот на јавни обвинители да не ѝ дозволи пристап на ТВ-екипа на таа седница.

    „Соработуваме со Судско-медиумскиот совет во делот на амандмански измени, за да се осигураме дека репортерите ќе имаат пристап до судниците и записниците од судските процеси. Во однос на Судско-медиумскиот совет, дознав дека минатата недела јавнообвинителскиот совет не дозволи ТВ-екипа од новинар и снимател да влезат и да ја следат седницата и наместо тоа одлучија да дискутираат зад затворени врати. Ова е сосема спротивно од нашите заложби и е само еден пример колку ни е потребно да ги завршиме реформите со транспарентноста“, кажа амбасадорката.

    Овие високорангирани функционери по статус и по плата, на седницата на 26 март се договориле за измена на правилникот за платите, за да може Министерството за финансии да почне да им пушта додатоци за да може уште поефикасно да го договорат изборот на обвинители зад затворени врати.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира