Скопје, 23 март, 2016 – (META) Советот на јавни обвинители повторно ја одложи седницата за разгледување на извештајот за шестмесечната работа на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева. Причина за одложувањето и овојпат беше неприсуството на Јанева.
– По отворената дискусија меѓу членовите на Советот, заклучивме дека е нужно доаѓањето на специјалната обвинителка, Катица Јанева, за да се разјаснат нејаснотиите што ги имаме во врска со извештајот. Ние денеска повторно ќе ѝ упатиме писмена покана за да дојде в понеделник, во 11 часот, за кога е закажана седницата – изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски.
Тој повторно не одговори на новинарските прашања за тоа кои се нејаснотиите во извештајот, како и за тоа што ќе направат доколку Јанева не дојде и в понеделник.
Запрашан за случајот „Маѓар телеком“, Аневски рече дека тоа прашање ќе биде разгледувано на некоја наредна седница.
Специјалната јавна обвинителка, Јанева, вчера, одговарајќи на новинарско прашање беше децидна дека нема намера да оди во Собранието и во Советот на јавни обвинители да го образложува извештајот, а доколку членовите на овие институции имаат некакви забелешки, да ги достават до СЈО, кое ќе ги разгледа и ќе одлучи дали ќе ги вметне во наредниот шестмесечен извештај.