Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го обвини премиерот Емил Димитриев дека создал услови за предизвикување хаос во МВР.
Во отворено писмо до Димитриев објавено пред малку на веб страницата на МВР, министерот Спасовски му забележува на Димитриев дека со одлуката да се поништат сите решенија на министерот поставен од СДСМ во Владата што треба да ги подготви спроведе изборите, тој само ја продлабочил политичката криза.
„Со овој чин неспорно го суспендиравте Пржинскиот договор, направивте скандалозен упад во правниот систем на државата, и создадовте услови за предизвикување хаос еден исклучително важен и осетлив државен орган, како што е министерството за внатрешни работи.“, стои во отвореното писмо на министерот за внатрешни работи Спасовски до премиерот Димитриев.
Tој го обвини премиерот дека со Одлуката со кое се поништија неговите решенија во МВР Владата извршила скандалозен упад во правниот систем на Република Македонија и формално се постави над правниот поредок, преземајќи надлежности кои законски се регулирани во судскиот институционален систем.
„Ве известувам дека со Ваквите незаконски одлуки предизвикавте, несватливи ситуации, кои многу негативно ќе се одразат на нормалното функционирање на Министерството за внатрешни работи“, стои во писмото на Спасовски во кое дообјаснува: „Имено, да биде небулозата поголема, Вие поништивте решенија потпишани од дополнителниот заменик министер Г-нот Митко Чавков, решенија потпишани од Директорот на Бирото за јавна безбедност, решенија со кои се зголемувааат платите од 5 на 10 % на припадниците на граничната полиција, решенија со кои се продолжува работниот ангажман на вработени во министерството по завршување на породилното отсуство или неплатеното отсуство уредено со закон и слично.“