Маскирани специјалци го пречекаа од Шутка во Основниот суд Скопје 1 притворениот Сашо Мијалков, на рочиштето за нелегалната набавка на опрема за прислушување за УБК.
Тие влегоа и внатре, застанаа пред вратата на судницата во која како јавност внатре беа седум члена на приватното обезбедување на ексдиректорот на УБК Мијалков. Членови на неговото семејство нема како јавност.
Мијалков утре или в понеделник треба да дојде повторно во судот, зависи кога ќе биде закажана седницата во Апелациониот суд Скопје по жалба против одлуката за притвор. Мијалков побара седницата да биде јавна.
Мијалков беше притворен на 20 ноември, една недела откако избега во Унгарија неговиот братучед, експремиерот Никола Груевски и доби политички азил од тамошните власти.
Во судот коментираат дека глетката на специјалците на МВР внатре е непријатна, но додаваат дека ако МВР има индиции за бегство на обвинет, претседателот на судот мора да дозволи вооружени специјалци да влезат и внатре.
„По бегството на Груевски МВР и Кривичниот суд сега ќе дуваат и на јогурт“, велат судии од овој суд.
Иако на специјалците им се гледаат само очите, членовите на приватното обезбедување на Мијалков на паузата се поздравија со нив во холот на судот. Дел од нив се доскорешни вработени во Шестата управа за обезбедување во МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА