СПОЈУВАЊЕТО НА НАСТАВНИ ПРЕДМЕТИ Е КАКО ДА ПРАТИШ ХИРУРГ ДА ГАСИ ПОЖАР, ПРОТЕСТ НА НЕЗАВИСНИОТ СИНДИКАТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

    СПОЈУВАЊЕТО НА НАСТАВНИ ПРЕДМЕТИ Е КАКО ДА ПРАТИШ ХИРУРГ ДА ГАСИ ПОЖАР, ПРОТЕСТ НА НЕЗАВИСНИОТ СИНДИКАТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕСо спојување на предметите во рок од пет години со целосна имплементација, во просек ќе се изгуби едно работно место во две училишта, велат од Независниот синдикат. (Фото: К. Попов)

    „Не“ за спојувањето на наставните предмети, „Да“ за почитувањето на колективните договори, рекоа денеска од  Независниот синдикат за образование и култура (НСОН) на протестот пред Министерството за образование и наука (МОН).

    Членовите на синдикатот се незадоволни од најавите за спојување на повеќе наставни предмети – Географија, Историја, Хемија, Физика, Биологија, Граѓанско образование, Етика, Информатика и Техничко образование.

    Ваквата појава, според претседателот на Независниот синдикат за образование Томислав Гиевски, може да предизвика губење на околу 100 работни места, а истовремено го погазува професионалниот интегритет на работниците.

    „Географот се обучувал да предава географија, историчарот историја.Со ваквите промени просветните работници стануваат универзални, секој да биде соодветен за секој предмет да го предава. Тоа е исто како хирурзите да ги испратиме да гаснат пожар, а пожарникарите да ги испратиме да работат во некоја конфекција. Се погазува професионалноста“, кажа Гиевски.

    Станува збор за Концепцијата која е воведена од 2021, и која почна со тогашните деца од прво и четврто одделение, па следеа новини во програмата кога стигнаа тие ученици во второ и петто одделение, и наесен треба да ги опфати кога ќе бидат трето и шесто одделение. Со таа програма, се спојуваат предметите историја, граѓанско образование и географија“ во „Историја и општетство“.

    „Во моментов најниската плата за најнизок степен на сложеност изнесува нето 12.000 денари, а сведоци сме дека минималната плата во државата изнесува нето 20.175 денари. Кога станува збор за просветните работници изреката е постојано дека нема пари, дека државата е во криза, но видовме како експресно најдоа начин да си ги зголемат платите државните функционери за 78 отсто. За јавните функционери законот е закон и тој мора да се почитува, а просветните работници секогаш се ставени на маргините, не се почитуваат колективните договори во делот на додатоците, платата доцни константно во последниве 20 години, не е никогаш иплатена во законски предвидениот рок“, рече Гиевски.

    Од Министерството за образование и наука на 25 април рекоа дека ниту еден наставник нема да остане без работа, и дека целта на промените се поттикнување на креативна и интересна настава која ќе стимулира учење со разбирање, наместо фактографско меморирање податоци. Промените, вели МОН, не предвидуваат укинување на содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети.

    Гиевски кажа дека Независниот синдикат за образование досега немал средба со министерот за образование Јетон Шаќири иако имале околу десет барања.

    „Никогаш не сме добиле повратен одговор, никаква желба од страна на министерот да разговара со нас и затоа мора да не слушне од тука“, рече Гиевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира