БИТОЛСКИ ИЗУМ РАЗВИЕН СО ПОМОШ ОД ЕУ ЌЕ ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ НА ХОТЕЛСКИ КОМПЛЕКС ВО БРЕГОТ НА СЛОНОВАТА КОСКА

    БИТОЛСКИ ИЗУМ РАЗВИЕН СО ПОМОШ ОД ЕУ ЌЕ ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ НА ХОТЕЛСКИ КОМПЛЕКС ВО БРЕГОТ НА СЛОНОВАТА КОСКАБезбедносниот систем за дигитални брави во хотели и други објекти „Орион 3“, создаден од Никола Ковачевски, наскоро ќе биде инсталиран во туристички комплекс со околу 200 бунгалови на брегот на Атлантскиот Океан. (Фото: СДК.МК)

    Македонија е оддалечена околу 4.500 километри од Брегот на Слоновата Коска, но за битолската компанија „Симпл мобајл солушнс“ тоа не беше пречка нејзината иновација да стигне до Западна Африка. Безбедносниот систем за дигитални брави во хотели и други објекти „Орион 3“, создаден од Никола Ковачевски, наскоро ќе биде инсталиран во туристички комплекс со околу 200 бунгалови на брегот на Атлантскиот Океан.

    „Орион 3“ е паметен систем што обединува контрола на пристап, управување со хотелски резервации, дигитални клучеви и автоматизација на хотелското работење. Наменет е за мали и средни хотели и апартмански комплекси.

    Идејата за системот е развиена во 2019 во рамките на „Сивус акцелератор“. Во 2021, со грант од 3.000 евра од акцелераторската програма на Фондацијата ПРЕДА Плус, поддржана од Европската Унија, тимот го изработил хардверот и го финализирал прототипот, додека софтверот веќе бил развиен.

    „Без помошта од Европската Унија можеби ќе успеевме, но многу побавно. Не сакавме идејата да остане само на хартија, туку по секоја цена сакавме да создадеме готов производ. За проектот на Брегот на Слоновата Коска чекаме американскиот инвеститор да ја заврши изградбата на комплексот, по што ќе ги инсталираме системите. Со хотелската верзија на системот најдалеку сме стигнале до Халкидики, каде што веќе е инсталиран во неколку хотели. Следните пазари ни се Албанија и Црна Гора. Нашите системи веќе им го олеснуваат работењето на познати хотели и други туристички објекти во Тетово и Битола“, вели Ковачевски.

    Платформата овозможува хотелските врати да се отвораат со дигитален клуч што гостинот го добива по електронска пошта веднаш по потврдената резервација.

    „Хотелскиот сектор се соочува со недостиг од кадар. Нашиот систем значително ја олеснува работата. Кога гостинот ќе пристигне, нема потреба некој да го пречека на рецепција. Со дигиталниот клуч самостојно влегува во хотелот и во резервираната соба. По првото отворање, кодот повеќе не е валиден, а во собата го очекува картичка што понатаму ја користи за време на престојот“, вели Ковачевски.

    Платформата овозможува хотелските врати да се отвораат со дигитален клуч што гостинот го добива по електронска пошта веднаш по потврдената резервација. (Фото: СДК.МК)

    Според него, производот ги надминува слабостите на дел од евтините системи на пазарот, кои можат лесно да се компромитираат.

    „Решението е заштитено и на хардверско и на софтверско ниво. За разлика од поевтините системи, не може физички да се премости, а содржи и современи механизми за заштита од хакирање. Ова е интегриран систем што овозможува безбедна контрола на пристапот, управување со резервациите и користење вештачка интелигенција за оптимизирање на исполнетоста на капацитетите, односно собите да не остануваат празни по неколку дена. Штом едниот гостин ќе замине, собата може да биде издадена веќе следниот ден“, вели Ковачевски.

    Преку тастери поставени во собите, системот овозможува прецизен увид во статусот на собата и организацијата на хигиената.

    „Ако гостинот сака чистење, притиска тастер и автоматски се испраќа известување до службата за одржување. Откако собата ќе биде исчистена, вработениот повторно притиска тастер и системот веднаш го ажурира статусот. Доколку гостите пристигнат порано од предвиденото време за пријавување, а чистењето е завршено, тие веднаш добиваат известување по електронска пошта и СМС-порака дека собата е подготвена за користење“, додава Ковачевски.

    Системите се монтираат бесплатно, а се наплаќа само нивното одржување.

    Ова е еден од претприемачките бизниси што ги поддржа Фондацијата ПРЕДА Плус, која од 2018 досега, преку европски и други меѓународни фондови, реализирала десет стартап-програми. Во рамките на нив се развиени околу 70 бизнис-идеи, а повеќе од 15 прераснале во успешни стартап-компании.

    „Како резултат на оваа поддршка се отворени повеќе од 15 нови работни места и обезбедени се 27.000 евра почетни инвестиции. Особено е значајно што дел од поддржаните стартапи, по завршувањето на програмите, успеаја да привлечат дополнителни повеќе од половина милион евра преку други грантови, финансиски инструменти и програми“, вели Лидија Ангелкова, проектна координаторка во ПРЕДА Плус.

    Таа додава дека овие резултати покажуваат оти европската поддршка не претставува само финансиска помош, туку инвестиција во знаење, иновации, нови компании, нови работни места и одржлив економски развој.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    „Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира