СПОРЕДБАТА НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ СО НИРНБЕРШКИТЕ ПРОЦЕСИ ГИ МИНИМИЗИРА ДЕЛАТА НА НАЦИ-ЗЛОСТОРНИЦИТЕ, СООПШТИ ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДА

    СПОРЕДБАТА НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ СО НИРНБЕРШКИТЕ ПРОЦЕСИ ГИ МИНИМИЗИРА ДЕЛАТА НА НАЦИ-ЗЛОСТОРНИЦИТЕ, СООПШТИ ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДАЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го спореди судењето на обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 со историското судење на нацистите по завршувањето на Втората светска војна познато како Нирнбершки процес завчера во интервјуто за вестите на ТВ Сител (Фото: СДК.МК)

    Споредбата на постапките на правосудните служби на Северна Македонија со нирнбершките процеси е несоодветна. Со тоа се минимизираат делата на наци-злосторниците, соопшти амбасадата на Германија откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски завчера го спомена Нирнбершкиот процес против нацистите во контекст на судењето за нападот на Собранието на 27 април 2017.

    „Одговорните лица во Северна Македонија треба да придонесат за надминување на поделбата на општеството и да водат конструктивен дијалог за иднината на земјата во правец на евроатлантските интеграции. Освен тоа, самите изјави за нирнбершките процеси се целосно неприфатливи“, соопшти амбасадата на Германија.

    Вчера и американската амбасада во Скопје побара поцивилизиран дијалог и укажа дека „потпалувачка реторика од политички лидери предизвикува страв и поделби, посебно кога погрешно се користат минати настани, како Нирнбершките судења, за политички цели. Таквиот јазик е опасен и не придонесува за продуктивен дијалог за иднината на земјата“.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го спореди судењето на обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 со историското судење на нацистите по завршувањето на Втората светска војна познато како Нирнбершки процес завчера во интервјуто за вестите на ТВ Сител. Тој зборувајќи за притворот на ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков, еден од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, и престојното изрекувањето на пресудите што ќе биде в петок, рече дека тоа ќе биде „Нирнбершки процес за првпат запаметен во поновата историја на Република Македонија“.

    „Очекувам дека вкупната пресуда што ќе се случува во петок ќе биде над 100 години за сите тие луѓе таму. И ќе биде практично Нирнбершки процес за прв пат запаметен во поновата историја на Република Македонија. Се разбира, тоа е осветољубие и ништо друго. А од друга страна го имаме овој мафијашки пристап кога се следи лицето коешто треба да биде осудено, егзекутирано, се апси, се приведува, а основа на тоа е една службена белешка, која повеќе или помалку е симптоматична“, рече Мицкоски.

    Нирнбершки процес (или Нирнбершки судења) е називот за последователните судења на истакнати членови на политичкото, военото и економското водство на Третиот рајх. Судењата биле одржани во градот Нирнберг, Германија, од 1945 до 1949, во Нирнбершката палата на правдата. Првото и најпознатото од овие судења е Судењето на главните воени злосторници на меѓународниот воен трибунал, коешто судело 24 лица од најважните заробени водачи во нацистичка Германија.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари