Лидерот на СДСМ Зоран Заев кажа дека е спремен да го посети претседателот Ѓорге Иванов, заедно со неговите коалициони партнери, и да му ја гарантира унитарноста на земјата и се надева дека брзо ќе го добие од Иванов мандатот за состав на влада. Заев вели дека претседателот на Собранието Талат Џафери вчера испратил писмо до Иванов, со кое го известил дека е формирано ново парламентарно мнозинство.
„Се надевам дека службите веќе го архивирале писмото од претседателот на Собранието Талат Џафери и дека веќе му е доставено на Иванов. Спремен сум јас, ако треба и придружен од лидерите на сите коалициони партнери, да го посетиме заедно Иванов и уште еднаш да ја гарантираме унитарноста на Република Македонија, неменувањето на границите и Уставот и да ја гаранитареме мултиетничноста и соживотот“ се понуди уште еднаш Заев, кој даде изјава за новинарите по денешната средба со ОБСЕ.
Заев изрази надеж дека Иванов брзо ќе му го даде мандатот за формирање влада и тој како мандатар ќе може да го скрати рокот од 20 дена за преговори и формирање нова влада и дека пратениците во парламентот за три дена ќе може да го дадат своето мислење низ дискусија за понудената програма на новата влада и дека до крајот на месецов ќе се формира владата.
С.К.ДЕЛЕВСКА