Кодексите за облекување и за надворешен изглед на учениците во трите школи: во Струмица, Прилеп и во Штип, кои беа истакнати како закана дека оние што носат, скинати фармерки, мини сукњи, кратки панталони, хеланки, пирсеви или се машки и имаат долга коса, нема да влезат на настава, се тргнати од таблите за куќен ред на училиштата.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која по претставки од родители и од ученици поведе постапка и донесе мислење дека се врши дискриминација врз учениците, бидејќи основното и средното образование се задолжителни за секое дете, ги пофали овие училишта.
Во кварталниот извештај за работата на Комисијата, стои дека овие три школи постапиле по препораките и во законски рок ги тргнале закачените куќни редови и кодекси за облекување и однесување на учениците.
Во тие „правилници“ беа забранети и големи нокти, маици на прерамки, бермуди, шорцеви, кратки маици, тренерки, итн. Дополнително, овие правила пропишуваа дека дозволена должина на сукњите е само до колена или под колена, а панталоните мора да бидат исклучиво долги.
Воедно, овие правила пропишуваа и дека секој ученик треба да внимава на својата фризура за време на наставата. Женските треба да имаат уредна и прибрана коса, машките не смеат да имаат долга коса, репче или брада.
Како мерка за непочитување овие училишта имаа предвидено казна – на учениците кои нема да изгледаат како описот на Куќниот ред и на Кодексот, нема да им биде дозволен пристап до училиштето, односно нема да бидат примени на настава.
Сепак оваа тема остана дискутабилна, бидејќи многу родители, наставници и професори уште сметаат дека на учениците им требале такви забрани, зашто „кај и да е, со пижами и влечки ќе тргнат на школа“.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го донесе мислењето за средните училишта: „Мирче Ацев“ од Прилеп, „Јане Сандански“ од Штип и „Јане Сандански“ од Струмица, за кои сметаше дека вршеле повеќекратна индиректна дискриминација врз учениците, преку усвоени правила за надворешниот изглед на учениците.
Смета дека не само што го прекршиле Законот за основно и средно образование, според кој образованието на децата е задолжително, под еднакви услови и без дискриминација, туку со забраната за пристап на „несоодветните“ ученици, го повредиле и член 44 од Уставот.
Комисијата против дискриминација, ги упатува овие училишта на нивното законско „оружје“ за справување со неетички моменти од страна на учениците, а тоа е членот 57 од Законот за основно и средно образование, кој прецизно ги уредува педагошките мерки поради повреда и неисполнување на обврските на ученикот, како и постапката за нивно изрекување.
С. К. ДЕЛЕВСКА