По признавањето вина на 11 февруари 2022, станаа правосилни пресудите за предметот „Титаник“, за местење избори, влијанија при гласање, изигрување на избирачкиот список и за други изборни нерегуларности. Со одлука на Апеалциониот суд Скопје, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески доби единствена затворска казна од три и пол години за делата што ги призна. Во прв степен судијата за организиран криминал Осман Шабани него го осуди на 4 години и шест месеци затвор.
Јанакиески веднаш треба од судија за санкции да добие упатен акт за в затвор. Тој сепак и натаму останува во преостанатиот дел на „Титаник“, обвинет за незаконско финансирање на (кампањата на) ВМРО-ДПМНЕ и за потешки финансиски малверзации за кои се пропишани повисоки затворски казни. Тоа судење уште трае во Основниот кривичен суд Скопје.
За поранешната министерка за внатрешниработи Гордана Јанкуловска, која првично доби две и пол години затвор, Апелација казната ја преиначи во условна.
На Мартин Протоѓер му остана условната затворска казна. Мунир Пепиќ првично беше осуден на една година затвор, сега и тој доби условна.
Миле Јанакиески доби најголема казна – четири и пол години затвор. Коста Митровски е казнет со тригодишна затворска казна. Гордана Јанкулоска е осудена на единствена казна од две и пол години затвор. Мунир Пепиќ доби една година затвор. Киро Тодоровски, поранешен шеф на кабинетот на Јанкулоска, доби условна казна од две години, исто како и Катерина Веловска.
Осудените се виновни за злосторничко здружување формирано од Никола Груевски за изборни нерегуларности во 2011 и во 2013 за парламентарни и локални избори.
Судијата Шабани при изрекување на пресудите лани читаше одделно што правеле обвинетите: кражба на лични податоци на граѓани за да ги присилуваат граѓаните да гласаат, некои да не гласаат, па им се заканувале на денот на избори да не излегуваат да гласаат, други ги терале да донираат незаконски за партијата, трети краделе избирачки материјали…
Но, тој изненади кога ги прочита по име и презиме увезените гласачи од Пустец и помал дел од Косово, сите до еден 625 лица. Злосторничкото здружение ги донело, им дале на незаконит начин лични карти, ги распоредиле во Избирачкиот список како жители на Центар, Кичево и Ресен, на сите места каде фалеле гласачи на ВМРО-ДПМНЕ.
С. К. ДЕЛЕВСКА