Американскиот Стејт департмент преку Амбасадата на САД додели нов грант за зајакнување на капацитетите Судско-медиумскиот совет, формиран пред една година. Досега има три вакви модели кои треба да ги доближат граѓаните до судовите преку медиумите: судско-медиумскиот совет (СМС) на Врховниот суд на Масачусетс, СМС на Врховниот суд на Конектикат и Советот во РС Македонија, кој е за сите новинари и судови во државата, преку ротирачко членство на судиите и новинарите во неговиот состав.
Дајана Палекин, офицер за политички прашања во амбасадата на САД рече дека со досегашниот грант за Судско-медиумскиот совет новинарите се изборија за известување во живо од судница при изрекувањето на пресудите, стручната јавност, набљудувачите, ги посматраат и судењата кои се затворени за јавноста, едукацијата е во континуитет, но дека работата не е со тоа завршена. Кажа дека со новиот грант, кој е за следните 12 месеци, очекува да се зголеми интеракцијата меѓу медиумите и судиите, а од Здружението на судии да ги организира потребните обуки за поголема транспарентност на судовите и на судиите.
Палекин рече дека во иднина се надева оти Судско-медиумскиот совет ќе биде самоодржливо тело.
Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити оцени дека во разговор со судиите препознал попрофесионално известување од медиумите за оваа специфична сфера, а советникот Андреј Божиновски презентираше програма за кои активности ќе се потроши грантот.
С. К. ДЕЛЕВСКА