СТЕВАНАНЏИЈА ВИКАШЕ „ТИШИНА, ТИШИНА“ ЗА ДА СЕ СЛУШНЕ НАДВОР КАКО ИБРАХИМИ ЈА ПЕЕ АЛБАНСКАТА ХИМНА, СВЕДОЧЕШЕ ЕКСПРАТЕНИКОТ МЕМЕДИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    СТЕВАНАНЏИЈА ВИКАШЕ „ТИШИНА, ТИШИНА“ ЗА ДА СЕ СЛУШНЕ НАДВОР КАКО ИБРАХИМИ ЈА ПЕЕ АЛБАНСКАТА ХИМНА, СВЕДОЧЕШЕ ЕКСПРАТЕНИКОТ МЕМЕДИ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија (лево) во собраниската сала. (архивска фотографија)

    Поранешниот пратеник Весел Мемеди од НДП денеска во сведочењето на судењето за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 кажа дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија викал „тишина, тишина“ додека Зекирија Ибрахими од Беса ја пееше албанската химна од собраниската говорница. Мемеди смета дека тоа било со цел насобраната толпа надвор убаво да слушне што се случува внатре.

    „Убаво се сеќавам дека Крсто Мукоски се јави за процедурално и почна да ја пее македонската химна. Во тој момент видов дека Артан Груби и Џевад Адеми, кои седеа пред мене, се пријавија за збор, а по нив забележав дека истото го стори и Зекирија Ибрахими, кој беше десно од мене. Кога заврши Мукоски, претседателот Трајко Вељаноски му даде збор на Ибрахими, иако пред него се пријави Груби и Адеми кој негодуваше зошто Ибрахими добил предност. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во еден момент почнаа да викаат ‘тишина’. Потоа стана пратеникот Димитар Стевананџија кој се обрати до колегите до ‘тишина, тишина’. Моја претпоставка е дека тоа беше со цел убаво да се слушне надвор што се случува внатре“, сведочеше Мемеди.

    Одговарајќи на прашање на адвокатите, Мемеди кажа дека не се сомнева оти и пратеникот Ибрахими бил дел од сценариото.

    Обвинети за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Со истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но не се во обвинението, бидејќи се во бегство.

    Мемеди беше сведок и на судењето за извршителите на организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира