Стјуард од Македонија, вработен во унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ ја скршил левата нога во текот на летот од Милано за Скопје вчера попладне.
Министерството за внатрешни работи ја потврди информацијата со соопштение дека „вчера во 19.35 часот од хируршката болница „Св.Наум Охридски“ добиле пријава дека кај нив било донесено повредено лице од Скопје, вработен во авиокомпанија како стјуард“.
Според патници во авионот кои се јавија во САКАМДАКАЖАМ.МК, стјуардот се повредил кога авионот летал низ зона на силни турбуленции. Помеѓу патниците и останатите членови на кабинскиот екипаж нема повредени.
„Полициските службеници при увидот констатирале дека лицето В.К. (28) се повредило во 18.05 минути во авионот. Авионот се подготвувал за слетување и влегол во турбуленции, при што В.К. паднал на подот и се здобил со тешки телесни повреди, кои му биле констатирани во болницата ‘Св. Наум Охридски’. Тој бил вработен како стјуард во компанијата Визер, а при падот се здобил со скршеница на скочниот зглоб на левата нога“, велат од МВР.