СТОИЉКОВИЌ ВО СТРАНСТВО, СОЦИЈАЛИСТИТЕ СО ПРОБЛЕМИ, ПА НЕ СТАВИЛЕ ПОТПИС НА БАРАЊЕТО ЗА ГЛАСАЊЕ ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА

    СТОИЉКОВИЌ ВО СТРАНСТВО, СОЦИЈАЛИСТИТЕ СО ПРОБЛЕМИ, ПА НЕ СТАВИЛЕ ПОТПИС НА БАРАЊЕТО ЗА ГЛАСАЊЕ ДОВЕРБА НА ВЛАДАТАДел од пратениците со кои разговаравме, ни изјавија дека најавено е седницата да се одржи в среда, но, официјално никој пратеник немаа добиено порака за точниот датум на пленарната седница. - Владанка Авировиќ (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПС) Иван Стоиљковиќ не е потпишан на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гласање за доверба на Владата предводена од Зоран Заев, бидејќи бил надвор од државата.

    Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека нема негов потпис на барањето за гласање за доверба бидејќи не бил тука.

    „Бев надвор од државата кога се поднесуваше. Јас ја поддржувам и ќе поднесам писмена изјава во Собранието дека се приклучувам на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гласање на доверба на Владата“, изјави лидерот на ДПС Стоиљковиќ.

    Покрај Стоиљковиќ, нема потписи ниту од пратениците на Социјалистичката партија (СП) Владанка Авировиќ, Стојан Миланов и Љупчо Димовски, кој е еден од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април лани.

    Пратеничката Авировиќ за порталот Плусинфо.мк изјави дека поради здравствени проблеми не го потпишала барањето за гласање за доверба на владата.

    „На боледување сум од минатата недела. Имав интервенција на коленото и повторно треба да ми биде извршена интервенција. Нема никаква промена на политичките позиции на СП, не разговараме за влез во Влада, ниту за поддршка на Заев. Колегата Стојан Миланов имаше некое рочиште во Штип и колегата Љупчо Димовски е зафатен со две судски рочишта. Се надевам дека ќе се видам со колегата Миланов за да се координираме за собраниската седница за недоверба на Владата, бидејќи јас од здравствени причини не ќе можам да одам на седница“, вели Авировиќ.

    Барањето за гласање за доверба на владата, ВМРО-ДПМНЕ го доставила во неделата до Собранието и тој е ставен на собранискиот сајт во примени материјали и им бил поделен на пратениците. Кога ќе биде седницата, сè уште претседателот на Собранието Талат Џафери официјално нема соопштено.

    Од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека е примено барањето за гласање за доверба на владата како материјал и бил доставен до пратениците.

    „Материјалот е поделен на пратениците. Претседателот на Собранието Талат Џафери прво ќе го прими материјалот, па ќе одлучи кога ќе закаже седница“, изјавија извори од Собрание.

    Дел од пратениците со кои разговаравме, ни изјавија дека најавено е седницата да се одржи в среда, но, официјално никој пратеник немаа добиено порака за точниот датум на пленарната седница.

    Според собранискиот Деловник, за поставеното прашање за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш свикува седница. Седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата.

    Рокот почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата. Собранието гласа за доверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба.

    Претседателот на Владата и пред гласањето има право да му се обрати на Собранието. За изгласување недоверба на Владата се потребни минимум 61 пратенички глас.

    Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. Во барањето на ВМРО-ДПМНЕ, како причини за гласање на доверба на владата наведени се критики за партизираност на институциите, судството, за Законот за употреба на јазиците, владиниот план за влез во ЕУ, 3-6-9, како и за големите задолжувања.

    Опозициските пратеници најмногу критики за работата имаат за министерката за труд и социјала Мила Царовска, за образование, Рената Тренеска Десковска, за здравство Венко Филипче и за министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Како погубни за државата, опозицијата ги смета и Договорот за добрососедство со Бугарија, начинот на водење на преговорите во спорот за името со Грција и друго.

    Опозицијата со 41 потпис во неделата го достави барањето за гласање на доверба на Владата на СДСМ и ДУИ предводена од премиерот Зоран Заев. На барањето не се потпишани пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои се во куќен притвор.

    Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на парламентарните избори во декември 2016 година доби 51 пратеник.

    Од нив, Амди Бајрам од Сојузот на Ромите (СРМ), Чедомир Саздовски (ГРОМ) и Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците ја напуштија коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и сега ја поддржуваат владата на Зоран Заев.

    Со барањето за гласање доверба, ВМРО-ДПМНЕ по скоро 4 месеци бојкот, се враќа во Собранието. Опозицијата ја бојкотираше работата на Собранието поради притворањето на шестемина пратеници во декември, лани, обвинети дека учествувале во организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира