СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ ОД ВРХОВНИОТ СУД, СУЗАНА ЗДРАВЕВА И ЗОРАНЧО МИЦЕВСКИ ОД ШТИПСКА АПЕЛАЦИЈА И ГРАЃАНСКИ СУДИИ ОД ТЕТОВО И ШТИП, РАЗРЕШЕНИ ОД ФУНКЦИИТЕ

    СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ ОД ВРХОВНИОТ СУД, СУЗАНА ЗДРАВЕВА И ЗОРАНЧО МИЦЕВСКИ ОД ШТИПСКА АПЕЛАЦИЈА И ГРАЃАНСКИ СУДИИ ОД ТЕТОВО И ШТИП, РАЗРЕШЕНИ ОД ФУНКЦИИТЕВо случајот на Рибарев, Советот за жалби побарал да се провери навременоста, преиначувањето, односно прецизирањето на барањето за утврдување одговорност, како и да се оцени дали судијата постапувал како судија или како в.д. претседател на суд. (Фото: Врховен суд)

    Судскиот совет на денешната седница повторно донесе одлука да разреши тројца судии, откако Врховниот суд ги укина неговите претходни решенија. Станува збор за судиите Стојанче Рибарев од Врховниот суд, Сузана Здравева и Зоранчо Мицевски од Апелациониот суд Штип, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Рибарев е разрешен поради тоа што како в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје постапил спротивно на Законот за судовите, односно исклучил неколкумина судии од системот АКМИС при процесот на распределба на предмети и ги довел во нерамноправна положба судиите во судот во период кога истекувал рокот на СЈО за покренување постапки. Со тоа судијата ги пречекорил законските овластувања и постапувал нестручно и несовесно.

    Во врска со другите дваца судии, од судскиот совет велат дека при повторената постапка пред Судскиот совет земени се предвид насоките на Советот за жалби при Врховниот суд.

    „Едниот судија постапувал во предмет во кој едната странка била застапувана од адвокатска канцеларија во која бил вработен синот на судијата како адвокат со што судијата ги прекршил законските норми, односно постапувал нестручно и несовесно. Другиот судија во својство на В.Д. претседател пак, донел решение со кое не го изземал судијата од предметот, иако имал законска надлежност за тоа и знаел дека постои конфликт на интереси преку роднинските релации на судијата со адвокатската канцеларија. И овој судија постапил нестручно и несовесно“, се вели во соопштението на Судскиот совет.

    Решенијата на Судскиот совет се конечни и тројца судии немаат право на жалба до Советот за жалби.

    Денеска се разрешени и двајца судии од основните судови во Тетово и Штип.

    „Кај првиот судија е констатирано дека биле донесени две различни решенија за иста правна ситуација и применил различни законски одредби. Судскиот совет заклучи дека судијата постапувал несовесно и нестручно затоа што ги прекршил одредбите од Законот за парнична постапка. Затоа донесе решение за разрешување на судијата. Во врска со вториот судија е утврдено дека ги прекршил одредбите на Судскиот деловник, како и на Законот за парнична постапка. Судијата не ги почитувал законските рокови за закажување и одржување на рочишта со што постапил нестручно и несовесно“, велат од Судскиот совет.

    Овие двајца судии имаат право на жалба до Советот за жалби. Двете барања за утврдување одговорност се поднесени од членови на Судскиот совет чија надлежност е да ја следат работата на судовите и на судиите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира