Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг попладнево слета на Меѓународниот аеродром Скопје за утрешниот состанок на Северноатлантскиот совет со Комитет за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО. По него, во Скопје треба да пристигне и авионот со амбасадорите на сите земји членки на НАТО, со нивните придружни делегации.
Столтенберг беше пречекан од висока владина делегација по што се упатија кон Собранието каде се одржува свечен прием во нивна чест.
Утре, на платото пред Владата ќе се одржи свечен пречек со највисоки државни и воени почести за Столтенберг, а потоа тој во Владата ќе има и тет-а-тет средба со премиерот Зоран Заев. Потоа ќе се одржи состанок на Северноатланскиот совет со Комитет за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО во врска со процесот на пристапување на земјата во Алијансата, како и за напредокот во реформите.
Столтенберг утре ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски
Од февруари кога беше потпишан Пристапниот протокол за членство во НАТО, досега го имаат ратификувано 14 од членките. Ратификацискиот процес може да заврши и пред Самитот на НАТО закажан во декември во Лондон.