СТРАШНО ПОЛИТИЗИРАЊЕ Е ШПЕКУЛАЦИЈАТА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ГРУПАТА ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК НА ФИЛОЛОШКИ, ВЕЛИ ЦАРОВСКА

    СТРАШНО ПОЛИТИЗИРАЊЕ Е ШПЕКУЛАЦИЈАТА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ГРУПАТА ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК НА ФИЛОЛОШКИ, ВЕЛИ ЦАРОВСКА„Реформата во образованието не е никако поврзана со ниту едно надворешнополитичко прашање што го има државата“, вели Царовска. (Фото: МОН)

    Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека ниту се размислувало ниту се размислува за укинување на групата на македонскиот јазик на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и дека тоа е „ пострашно политизирање дури и од укинувањето на предметот историја“.

    Професорката Јасна Котеска вчера на социјалните мрежи објави дека со новата стратегија за образование на Филолошкиот факултет требало да се воведат две научни гранки, а да се укине македонскиот јазик. По денешниот состанок со претставниците на Управниот одбор на ЗЕЛС, на новинарско прашање, Царовска рече дека не сака да ја коментира Котеска и потенцираше дека реформата во образовниот процес не е никако поврзана со ниту едно надворешнополитичко прашање што го има државата.

    „Реформите ни се потребни за дома. Реформите ни се потребни да создадеме граѓани кои ќе знаат да се справуваат со сите предизвици и кои ќе можат да фатат чекор со светот“, рече министерката и повторно апелираше граѓаните и медиумите да ги следат официјалните канали на Министерството за образование и наука (МОН) и „да не подлегнуваат на провокации и невистини“.

    Рокот до кога се испраќаат предлози и сугестии за реформите во образовниот систем е 20 јануари, и според министерката, веќе се пристигнати доста предлози и во со следните десет дена уште повеќе ќе се интензивира јавната дебата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира