Цената на електричната енергија нема да поскапе по изборите, а нема да има ниту рестрикции, одговорија за САКАМДАКАЖАМ.МК високи владини извори. Распишан е нов тендер за набавка на јаглен за да има доволно да произведуваат струја сите три блока на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.
Со засиленото производство на струја се планира да се стабилизира цената на електричната енергија за стопанството. Струјата добиена од увезениот јаглен ќе се понуди дополнително по цени пониски од моментално берзанските, а повисоки од производствената.
Ова е план како да се издржи зимата, а веќе напролет потрошувачката на електрична енергија драстично се намалува.
Иако во Европа цената на струјата веќе не може да се контролира, светот се соочува со енергетска криза, а во повеќе држави се најавуваат и рестрикции, од Владата уверуваат дека кај нас тоа нема да се случи. Рестрикции нема да има, особено не кон фабриките, компаниите, кои се во групата големи потрошувачи, велат економистите од Владата.
Ова е планот А за кој јавно се зборува, а ако не успее дознаваме неофицијално дека има план Б во случај да мора да се увезе струја. Но, тој опфаќал субвенции, кои според Изборниот законик во време на изборна кампања, не смеат да се објавуваат. За потсетување, цените на електричната енергија на регионалните берзи се тројно зголемени и од 56 евра за мегават час пред неколку месеци, сега се движат меѓу 140 и 170 евра и нема најава за намалување.
Откако пропадна првата јавна набавка на јаглен, на која за поставената ниска цена се јавија недоволен број странски компании, односно беше понудена само една десетина од вкупната тонажа јаглен во огласот, на седми месецов беше објавена втора.
Ресурсите на јаглен во рудниците во Битола и Осломеј се намалуваат и во услови кога на стопанството му се заканува ценовен шок поради високата цена на струјата на меѓународната берза, поисплатливо е да се увезе јаглен отколку електрична енергија по енормно високи цени, а не се знае ни дали ќе ја има доволно, смета Владата.
Меѓународниот тендер за набавка на јаглен е за потребите на третиот блок на РЕК Битола и за РЕК Осломеј. Досега не се увезувал јаглен за потребите на РЕК, а за Осломеј се увезувал од Косово.
Во соседна Албанија, премиерот Еди Рама на 8 октомври прогласи вонредна состојба поради проблеми со снабдувањето со електрична енергија.
Во Чешка, регулаторната комисија за енергетика направи преседaн, барајќи од снабдувачите на електрична енергија да гарантираат дека ќе можат да обезбедат доволно струја за домаќинствата и индустријата.
Во Кина има рестрикции на струја во најмалку 18 провинции, поради што многу фабрики се принудени да го запрат производството, а во некои градови се исклучуваат и семафорите. Кинеската влада соопшти дека има залихи до јаглен за само 16 дена за клучните електрани.
Во Либан, целата земја остана без струја 24 часа на почетокот на месецов, а кога нема дефекти, граѓаните имаат струја еден до два часа дневно.
Во Швајцарија, претседателот Гај Пармелин најави дека е можно да има недостиг на струја и можело да трае со недели или со месеци. Според него, ќе биде потребно фабриките да го намалат производството, банките да го намалат работното време, а превозниците да го намалат бројот на возови и автобуси.
С. К. ДЕЛЕВСКА