СТУДЕНТИ НА ФАРМАЦИЈА И ХЕМИЈА ЌЕ ОДАТ НА ТРИМЕСЕЧНА ПРАКСА ВО АЛКАЛОИД

    СТУДЕНТИ НА ФАРМАЦИЈА И ХЕМИЈА ЌЕ ОДАТ НА ТРИМЕСЕЧНА ПРАКСА ВО АЛКАЛОИДПрограмата за практиканство во Алкалоид АД Скопје почнува во јуни, и во првата група 10-15 студенти ќе одат на пракса три месеци. (Фото: Е. Ангеловска)

    Фармацевтската компанија „Алкалоид АД Скопје“ денес потпиша меморандум за соработка со Фарамацевтскиот факултет и со Институтот за хемија при Природноматематичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со кој ќе овозможи студенти од трета и четврта година неколку месеци да добијат практично искуство во работата во компанијата.

    Програмата за практиканство, како што објасни генералниот директор на „Алкалоид АД Скопје“ Живко Мукаетов, ќе стартува во јуни, со која на 10 до 15 студенти ќе им се овозможи три месеци да доаѓаат на пракса, со тоа што дел ќе работат во одделот за истражување и развој на компанијата, а дел во одделот за регулатива, која ги подготвува документите за регистрација на лекови.

    „Првата група на практикантство почнува во јуни и за почеток ќе бидат меѓу 10 и 15 студенти, а потоа ќе видиме како тоа ќе се одвива и според интересот ќе ги правиме групите. Со овој проект ние како компанија во соработка со највисоките научно образовни институции во земјава, сакаме да им овозможиме на младите, талентирани и амбициозни студенти да се стекнат со пракса во реални процеси во рамки на компанијата. Сакаме да изградиме синергија од која корист ќе имаат сите вклучени страни, а преку имплементација на најновите научни достигнувања во развојните процеси, научно истражувачката работа да се подигне на повисоко ниво“, рече Мукаетов.

    Проф. Светлана Кулеванова, декан на Фармацевтскиот факултет во Скопје кажа дека практичната обука на студентите е многу значајно, особено кога тоа се случува во реалниот сектор, за да може студентите да проверат колку од она што го стекнале како знаење на факултет може да го применат потоа во реалност.

    „Идејата и на компанијата и на нас како наставен кадар е да ги задржиме нашите млади луѓе, а ова е добра можност тие потоа полесно на пазарот на труд да го најдат своето место“, кажа проф. Кулеванова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира