„Студентски пленум“ побара одговорност од тој што издал наредба припадниците на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и оклопни возила во четвртокот вечерта да се распоредат пред седиштето на СПУКМ, каде што членовите на Студентскиот парламент ги заклучија кутиите од гласањето за избор на претседател, а МВР одговори дека „превентивно се распоредени соодветни полициски сили за да не дојде до нарушување на јавниот ред и мир’.
На синоќешниот протест пред седиштето на Студентскиот парламент кој потоа прерасна во марш до ректоратот и факултетите од универзитетскиот кампус на Бит пазар, демонстрантите обвинија дека полицијата во четвртокот употребила прекумерна сила за да го ослободат просторот пред СПУКМ каде студентите неколку часа чекаа да се изнесат кутиите во кои се наоѓаа ливчињата од гласањето. Во турканицата со полицијата, некои од студентите биле полесно повредени.
За разлика од четвртокот, синоќешниот протест беше мирен. Освен неколку јајца што завршија на прозорците од седиштето на СПУКМ и довикувањето до полицајците со прашањата зошто штитат криминалци и тепаат студенти кои бараат правда, останатиот дел од протестот беше како еден од вообичаените маршеви на Шарената револуција.
Полицијата прво го блокираше приодот кон универзитетскиот комплекс, но потоа го ослободи преминот и им дозволи на протестантите да одржат говори пред споменикот на Св. Кирил и Методиј.
Претходно, ректорот во заминување Велимир Стојковски, изрази загриженост за случувањата околу изборот на нов студентски лидер и соопшти дека ректорската управа на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) закажала вонредна седница за понеделник.