Студентите во студентските домови имаат несоодветно сместување и исхрана, а мерките за развој на студентскиот стандард кои ги преземаат надлежните државни органи не се доволни, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија за состојбата во студентските домови во земјава.
Ревизорите констатирале значително намалување на сместувачките капацитети во сите домови во периодот 2019-2022 година, односно од 5.812 легла на 4.490 во 2022 година. Исплатата на средствата на државните студентски домови не се врши врз основа на ажурирани списоци за сместените студенти кои се одобрени од страна на Министерството.
„Објектите кои ги користат студентите во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живење. Постои незадоволство на студентите во поглед на исхраната, сместувањето и функционирањето на студентските домови“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Државниот завод за ревизија во соработка со независен експерт спроведе анкета меѓу студентите во која тие го оценуваат сместувањето во студентските домови на скала од 1 до 5. На анкетата одговориле 286 студенти, што е 8, 25% од вкупниот број на студенти во домовите, а просечната оценка е 2. На пример оценката за храната е 2,6, за хигиената 2,4, за техничка опрема 1,6, за интернет 1,8, а условите за учење се оценети со 2,5.
Ревизорите утврдија намалување на бројот на одобрени стипендии, а зголемување на бројот на апликации што укажува на голем интерес од студентите, но постоење на слабости во постапката на доделување на стипендиите.
Исто така ревизорите утврдиле слабости и во исплатата на студентскиот оброк.
„Исплатата преку трансакциски сметки на студентите не овозможува да се потврди дека исплатените средства за 2022 година во износ од 11 милиони евра или 50 отсто од вкупните средства за студентски стандард, се користат исклучиво за намената.
Од буџетот на Министерството за образование во 2022 се издвоени 22,6 милиони евра. Половина од нив или 11 милиони евра се за студентски оброк, 6,8 милиони евра за студентски стипендии и 3,7 милиони за сместување и исхрана.
А. АНТЕВСКА