Премиерот Зоран Заев кажа дека субвенции ќе има за сите граѓани во земјава без оглед на националноста и сите ќе имаат еднаков пристап до субвенциите, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со Мила Царовска за националната платформа за онлајн учење. Вицепремиерот Артан Груби завчера најави дека ќе се субвенционираат компаниите кои ќе вработат Албанци и припадници на другите малцински етнички заедници.
„Сакам веднаш да ја расчистиме маглата. Субвенции ќе има и за Македонци и за Албанци и за Турци и за Срби, Власи, Роми, Бошњаци. За сите во нашата земја и тие ќе бидат еднакво организирани за сите граѓани“, изјави Заев на денешната прес-конференција во Владата.
Заев потоа продолжи да наведува неколку примери за, како што кажа тој, стратешки инвестиции со кои ќе се придонесе за вработување на граѓани од сите етнички заедници. Зборуваше за ставање во функција на Тутунскиот комбинат Куманово, „за да ја реактивираме дејноста на тутунот, но и да се вработат граѓани од целиот регион на Куманово, и Албанци и Срби и Македонци, секој со својата квалификација“.
Го спомена и проектот на „Еколог“ од 300 милиони евра во тетовскиот регион, потоа проектот за дигитален центар во Општина Карпош за вработување млади луѓе со информатички технологии, како и центар во Неготино.
Груби завчера изјави дека вработувања во приватен сектор по национален клуч било предвидено во изборната кампања на ДУИ и прифатено во владината програма, но рече дека не знае како тоа би се извело, бидејќи станува збор само за идеја и уште не се разговарало со компаниите што мислат за ова, ниту пак во Владата се размислувало како ќе се реализира проектот.