И СУДЕЊЕТО НА ТАЛЕСКИ СЕ ОДЛОЖИ, ОБВИНЕТА НЕ ДОЈДЕ ПОРАДИ ЗАСТОЈ НА ПАТОТ

    И СУДЕЊЕТО НА ТАЛЕСКИ СЕ ОДЛОЖИ, ОБВИНЕТА НЕ ДОЈДЕ ПОРАДИ ЗАСТОЈ НА ПАТОТБитолскиот градоначалник Владимир Талески пред Основниот суд Скопје 1 по одложувањето. (Фото: СДК.МК)

    И судскиот процес на Специјалното јавно обвинителство против градоначалникот на Битола Владимир Талески се одложи утринава во Основниот суд Скопје 1, како и половина час претходно процесот против неговиот сопартиец од ВМРО-ДПМНЕ, експремиерот Никола Груевски. И случајот „Транспортер“ каде првообвинет е Талески, се одложи (за на 6 ноември годинава) поради тоа што обвинетата Јасмина Никиќ – Десановска, не можела да стаса навреме. Според одбраната, имало сообраќајка на патот Битола – Скопје, па затоа бил застојот.

    Судењето го води судијката Лидија Петровска, која го води и процесот против избеганиот ексначалник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, за случајот „Тврдина 2“, за уништување на списите во УБК. Битолскиот градоначалник е првообвинет во случајот „Транспортер“, заедно со уште 22 лица, за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, кои се проценуваат на околу 360.000 евра. На 16 јуни лани Основниот суд Скопје 1, на барање на СЈО, на Талески му одреди мерка куќен притвор, а на 29 јуни, Скопска апелација ја потврди одлуката

    Потоа доби едно продолжување на мерката куќен притвор, а веќе на 19 септември лани, по жалба на Талески, мерката му беше укината. Му остана мерката на претпазливост, според која имаше обврска да се јавува секој работен понеделник и работен петок кај овластено службено лице во Основниот суд Битола. Минатиот месец Битолското обвинителство отвори нов случај „Транспортер 2“, каде Талески повторно се сомничи за злоупотреба на службената положба и грабеж на општинската каса, со незаконски тендери за превоз на ученици во учебната 2013/14 и 2015/16 година.

    Истражителите од МВР нашле докази дека за една од линиите посочени во тендерот во учебната 2013/2014 година цената за превоз од ученик на ден била 1.000 денари, во учебната 2015/2016 била 3.168 денари од ученик на ден, а во учебната 2016/2017 формирана била цена од 440 денари од ученик на ден, со што на две правни лица, превозници од Битола, им било овозможено да стекнат поголема материјална корист.
    И за случајот на СЈО „Транспортер“, обвинителката Фатиме Фетаи потенцираше дека градоначалникот Талески организирал превоз на битолските ученици, поскап од Токио.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира