Основниот суд Скопје 1 соопшти дека судењето за случајот „Пуч“, кое денеска беше одложено по десетти пат, два пати е одложено поради судиите-поротници, еднаш поради болест и денеска поради немање безбедносен сертификат, а во останатите случаи поради обвинетите или на барање на СЈО. Соопштението на Судот доаѓа по обвинувањето од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дека Судот една година ја манипулура јавноста и го одолговлекува судењето.
„Главната расправа по предметот со КОК бр. 60/16 во јавноста познат како „Пуч“, денеска беше одложена откако претседателот на судечкиот совет, надлежен да постапува по овој предмет, пред присутните констатира дека еден од судиите-поротници, по неговото лично барање бил разрешен од советот, а со одлука на претседателот на судот, по барање на претседателот на советот, назначен е нов судија-поротник, како и дополнителен судија-поротник, за кои и покрај барањатa и ургнециите за итност, испратени од претседателот на судот, сеуште не се доставени безбедносни сертификати за постапување и увид во класифицирани информации и податоци, кои се неопходни за новоназначените судии-поротници да постапуваат по конкретниот предмет“, соопштија од Основен суд Скопје 1 и додаваат:
„Со цел да не дојде до одредени манипулации, ja потсетуваме јавноста дека по конкретниот предмет беа одржани 10 главни расправи, од кои 6 беа одложени бидејќи обвинетите постојано беа на службени патувања, потоа 3 расправи беа одложени по барање на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), од кои една расправа заради приватна прослава на обвинителката Јанева, а само минатата расправа беше одложена заради болест на еден од судиите-поротници, нешто што не може да се предвиди. Од таму нејасно е како судот го одолговлекува предметот повеќе од една година, како што обвинуваат странките“, соопшти Кривичниот суд.
На денешното рочиште, Јанева бурно реагираше на одложувањето на судењето на неопределено, поради што беше опоменета од судијката Љубинка Башевска дека ќе биде парично казнета.
„Како не ви е срам! Една година ја манипулирате јавноста, нѐ малтретирате сите. Првин не ни ги дававте доказите, ние од СЈО сме немале безбедносни сертификати. Потоа некој од вас се разболел, па судењето го одлагавте. Сега пак го одлагате, немале сертификат поротниците. Седете тука, зошто ја напуштате седницата. Зошто го одлагате судењето? Кажете што ќе правите на трети, на седми овој месец, за кога требаше да продолжи денешното рочиште?“, бараше одговор Јанева.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, и Бранко Палифров, службеник во Општина Струмица, кои се обвинети во „Пуч“ денеска се појавија во судницата.
Четворицата обвинети во „Пуч“ се товарат за шпионажа, насилство врз преставници на највисоките државни органи, неовластено прислушување и за тонско снимање.