СУДИИТЕ ЈА ТУЖАТ И ЌЕ ЈА СУДАТ ДРЖАВАТА ЗА НЕИСПЛАТЕНИ ДОДАТОЦИ ОД 2016 ГОДИНА НАВАМУ

    СУДИИТЕ ЈА ТУЖАТ И ЌЕ ЈА СУДАТ ДРЖАВАТА ЗА НЕИСПЛАТЕНИ ДОДАТОЦИ ОД 2016 ГОДИНА НАВАМУЗдружението на судии по одржаната седница денеска им даде поддршка на судиите да тужат. - Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити и министерката за правда Рената Дескоска (Фото: СДК.МК)

    Со поднесени опомени пред тужба, еден пресуден случај во граѓанскиот суд во Тетово и со ангажмани на вештаци, судиите тргнуваат во масовни тужби против државата за неисплатени додатоци од 2016 година до септември лани. Тоа се речиси три години. Во моментов во Македонија има над 500 судии и најавите се дека сите ќе си ги бараат неисплатените додатоци од страна на судско-буџетскиот совет во Судскиот совет на Македонија, кој, пак, добива пари од Министерството за финансии.

    Од Министерството за правда велат дека за разлика од околу 85 обвинители, кои имаат решенија за додатоци за пресметан ризик во работењето, судиите немаат такви решенија и со тоа немаат ни основ да тужат. На овие обвинители им биле давани додатоци на хартија, но не им биле исплаќани, поради тоа што тие сега ја тужат државата.

    Кој е во право ќе треба да одлучат самите судии. Споровите ќе бидат пред граѓанските судови, а ќе судат судии кои исто така со месеци немаат земено додатоци од 35 отсто од нивната плата која е во просек по 1.000 евра месечно.

    Здружението на судии по одржаната седница денеска им даде поддршка на судиите да тужат.

    „Во однос на додатоците на плата, Работната група за разгледување на правната регулатива во врска со исплата на плати на судиите и други додатоци заклучи дека согласно Законот и другите подзаконски акти, Судско-буџетскиот совет бил должен да врши исплата на додатоците на плата и за преостанатите месеци од кога се стапени во сила актите. Од тие причини, Работната група смета дека судиите своите права за заостанатите месеци можат да ги остварат преку поднесување на тужби“, соопшти Здружението на судии.

    Судиите велат дека најмалку проблематичен е периодот од 2016 и 2017 година, каде правилникот за исплата на додатоци не прави градација кај судиите и вели тие да земат плус по 35 отсто од судиските плати секој месец. Следниот правилник вика исплата на додатоци за судиите, од расположивите средства во судскиот буџет, значи колку има во моментот, толку. Со најновите законски измени во декември 2018 година, дефинирано е точно судиите да земаат додатоци од расположливите пари, да влезе тука за додатоци и незадоволната судска администрација, а на претседателите на судовите им се дава право да вршат проценки за ризик во работата на судиите, за прекумерни работни часови и други ставки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира