СУДИИТЕ НЕ ТРЕБА ДА СНОСАТ ОДГОВОРНОСТ ЗА СВОИТЕ ОДЛУКИ, НО СУДСКИОТ СОВЕТ МОЖЕ ИМА ДРУГИ НАОДИ ЗА ПУШТАЊЕТО НА КОЧАН, ВЕЛИ ВРХОВНИОТ СУДИЈА ЏЕМАЛИ САИТИ

    СУДИИТЕ НЕ ТРЕБА ДА СНОСАТ ОДГОВОРНОСТ ЗА СВОИТЕ ОДЛУКИ, НО СУДСКИОТ СОВЕТ МОЖЕ ИМА ДРУГИ НАОДИ ЗА ПУШТАЊЕТО НА КОЧАН, ВЕЛИ ВРХОВНИОТ СУДИЈА ЏЕМАЛИ САИТИ„Се надевам дека ќе се најдеме во судницата условно наречена Судски совет и ќе ги судриме аргументите за случајот со укинувањето на притворот на Сеад Кочан“, изјави денеска претседателот на Здружението на судии Џемали Саити (десно), кој според информациите, гласал против пуштањето на Кочан од притвор. (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет, а и ни петтемина врховни судии на чело со Јово Вангеловски кои дојдоа на ред за расправа за разрешување, не кажуваат каде тие ги прекршиле законите при носењето одлука за ослободување на бизнисменот Сеад Кочан. Не е познато дали Судскиот совет ќе се фати за тоа кој како гласал од петтемина врховни судии во кривичниот совет за овој случај, или утврдил неправилности и прекршувања на постапката пред Врховниот суд, со која за првпат осомничен во бегство беше ослободен од притвор.

    Со надгласување три спрема два, овој кривичниот совет на Врховниот суд лани на 12 мај ги укина одлуките на Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје за притвор на избеганиот осомничен, за кого Специјалното обвинителство тогаш имаше отворено истрага за „Труст“. Кочан избега во март, веднаш штом беше донесена одлуката за притвор од 30 дена. Се врати откако Врховниот суд му го укина притворот.

    Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити, кој е еден од двајцата врховни судии кои гласале против пуштањето на Кочан да се брани од слобода, денеска не изнесе детали од известувањето што го добил од Судскиот совет во врска со постапката за разрешување и најави дека тој пред Советот ќе ги каже сите аргументи во врска со тоа нивно одлучување.

    „Се надевам ќе се најдеме во судницата условно наречена Судски совет и таму ќе ги судриме аргументите за овој случај. Сакам да биде присутна и јавноста, јас немам што да кријам“, рече Саити, кој смета дека гласањето на судиите во советите треба да остане тајна, зашто тоа е со закон така кажано.

    Прашан дали поединечните гласања на судиите треба да подлежат на ревизија, со оглед на тоа дека во Уставот пишува оти судиските одлуки се самостојни и нив може да ги преиспитува само повисок суд, Саити го изнесе личниот став:

    „Судиите не треба да сносат одговорност за носење судски одлуки. Но, оставаме да видиме кој е ставот на Судскиот совет и кои се нивните наводи во врска со овој предмет“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира