СУДИЈАТА ДАРКО КОСТАДИНОВСКИ Е НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УСТАВНИОТ СУД

    СУДИЈАТА ДАРКО КОСТАДИНОВСКИ Е НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УСТАВНИОТ СУДКостадиновски за уставен судија во 2018 дојде од местото државен советник за надворешна политика во Кабинетот на тогашниот претседател Иванов (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд конечно по над 10 круга гласање, ја прекина уставната криза и доби нов претседател.

    Судијата Дарко Костадиновски добил мнозинство од гласовите, а противкандидат му бил колегата Осман Кадриу.

    Претходно се тркаа Тања Васиќ-Бозаџиева, Ана Павловска-Данева, но откако не добија доволно (6) гласови од вкупно 9-те уставни судии, бил предложен Костадиновски.

    Уставниот судија Дарко Костадиновски во судот е над 5 години. Беше предложен од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а го изгласа тогашното парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.

    Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од областа на меѓународното право. Костадиновски за уставен судија дојде од местото државен советник за надворешна политика во Кабинетот на тогашниот претседател Иванов.

    Беше член на Кабинетот на претседателот од 2001, во времето на претседателот Борис Трајковски. Од 2006 продолжува неговиот ангажман, раководејќи со одделението за Европската Унија и НАТО во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски.

    Тој во 1998 работел на проект на УСАИД за подготовка на закони во Собранието на Република Македонија и бил набљудувач во рамките на проектот на Советот за радиодифузија за мониторинг и анализа на електронските медиуми. Во 2015, Костадиновски бил назначен на функцијата пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира