Судијата Осман Шабани на обвинетите во предметот на СЈО „Титаник“ на чело со поранешниот премиер Никола Груевски за изборен криминал во 2011, 2012, 2013 и 2014 година, им дозволи увид во обемниот доказен материјал до второто закажано рочиште на 12 април.
Обвинетите се побунија дека тоа им е малку време, зашто Велигден ќе им одземе неколку дена.
„Ако ги сметаме сите судења на кои одиме или ги водиме и ги додадеме празниците што треба да ги славиме, нам ни треба една година. Моја добра волја е да ви дадам 10 дена да го довршите увидот во доказите во библиотеката на Основниот суд Скопје 1“, пресече судијата Осман Шабани, кој на претходно закажаните четири рочишта за „Титаник“, додаде уште пет во мај.
Тој напомена дека ова е најобемниот предмет во моментов во Кривичниот суд, со многу докази и оти другите судии и странки во останатите рочишта ќе треба да се ориентираат по овој предмет, а не „Титаник“ по нив.
„Титаник“ е првиот случај што го отвори СЈО, а чие обвинение беше оценето последно и има 21 обвинет.
На речиси сите обвинети повеќе од половина година им се одземени пасошите. Сите предлози за притвор во целост беа одбиени од Кривичниот и од Апелациониот суд Скопје.
- СЈО го обвинува Груевски за Злосторничко здружување, продолжено кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и за Повреда на избирачкото право;
- Мартин Протоѓер, поранешен шеф на кабинетот на Груевски е обвинет за Злосторничко здружување, Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и за продолжено кривично дело Повреда на слободата на определување на избирачите;
- Тогашниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, покрај за Злосторничко здружување, обвинет е и за Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања;
- Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на товар има најмногу кривични дела, зашто освен досега наведените кривични дела кај Груевски, Протоѓер и Божиновски, само тој ќе одговара дополнително и за Уништување на изборен материјал;
- Гордана Јанкулоска, тогашна министерка за внатрешни работи, обвинета е за Злосторничко здружување, Повреда на слободата на определување на избирачите и за Повреда на избирачкото право;
- Пратеникот Илија Димовски е обвинет за Злосторничко здружување и за продолжено кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања;
- Тогашниот заменик-министер за правда Билјана Бришковска, пак, како дел од злосторничкото здружување за големи изборни нерегуларности, обвинета е и за Фалсификување исправа;
- Партискиот функционер Леко Ристовски е за Злосторничко здружување и за продолжено кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.
С. К. ДЕЛЕВСКА