Четиригодишните мандати на претседателите на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски и на Врховниот суд Лидија Неделкова завршуваат утре, кога и Судскиот совет на седница ќе бира в.д. претседатели на овие два најзначајни судови.
По препораките од Антикорупциската комисија Судскиот совет соопшти дека претседатели на судовите ќе се избираат по парламентарните избори. Затоа и ќе се оди на варијанта со в.д. претседатели.
Судиите во Основниот суд Скопје 1 тврдат дека е извесно оти најсилен кандидат да го замени Панчевски е судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека не се изврши изборот за нов претседател по изборите.
Груевска-Илиевска заедно со Панчевски и судијката што го одложи предметот “Пуч“ на неопределено, во петокот како Кривичен совет повторно одбија Судот да издаде наредба Специјалното обвинителство да ги пребара компјутерите на еден од двата телекомуникациски оператори. Ова е практично судиската тројка која не дозволува СЈО да истражи кој прислушувал, сеедно дали забранува истрага во телекомуникацискиот оператор или го кочи судењето за “Пуч“, каде единствениот сведок што сака да го распита СЈО е експремиерот Никола Груевски, кој тврдеше дека прислушувале странски служби во жолти комбиња.
Груевска-Илиевска пред неполна година јавно во Академијата за судии во два наврата се изјасни дека лично таа и судиите во Македонија не чувствуваат политички или бизнис притисоци, туку единствено притисоци од новинарите. Таа ги обвини новинарите дека не ја оставаат неа и судиите да си ја вршат работата.
За Врховниот суд, судиите велат дека Судскиот совет најверојатно за в.д. претседател ќе бира меѓу Снежана Бајлозова, Стојанче Рибарев или сегашниот заменик-претседател на Врховниот суд Фаик Арслани.
Бајлозова и Рибарев за врховни судии беа избрани на деветти септември годинава. Првпат, како што беше кажано на последната седница на Судскиот совет, тие фатиле предмети во работа на први октомври, а Снежана Бајлозова, за 10 дена откако почнала да работи на предмети, веќе конкурирала за претседател на Врховниот суд.
Врховните судии посочуваат дека моментално, според контактите надвор од Судот, Бајлозова е прва, а потоа е Рибарев. Обајцата, според извори во Судот што сакаат да останат анонимни за САКАМДАКАЖАМ.МК тврдат дека се во комуникација со функционери и со бизнисмени од актуелната власт.
Според Законот за судови, нема законска забрана за в.д. претседатели да бидат назначени и претседателите на кои им истекува мандатот. Но, велат судиите, Неделкова нема шанси да биде оставена да го води и натаму Врховниот суд како в.д. претседател, бидејќи не е пожелна веќе во Судскиот совет. Таа и во ТВ -интервју пред три недели, јавно кажа дека на некои седници на Советот намерно не е поканувана, а истото му го кажа и на претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, кога беше прашана зошто не гласа за една од точките на последната седница.
По назначувањето на в.д. претседател на Врховниот суд, Неделкова, ако не биде поставена на тоа место, веќе престанува да биде член на Советот, што значи нема да учествува во неговата работа и да гласа. Вонредното оценување на кандидатите за претседатели на Кривичниот и на Врховниот суд, кое никаде не е пропишано во Законот за судови, и кое треба на Панчевски да му ја зголеми тројката, а на Неделкова да ѝ ја намали четворката, ќе се изврши без нејзино учество.
С. К. ДЕЛЕВСКА