СУДИЈКАТА МИХАЈЛОВА НЕ ГИ ОТФРЛИ БОМБИТЕ КАКО ДОКАЗ ВО “ТРАЕКТОРИЈА“ ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ

    СУДИЈКАТА МИХАЈЛОВА НЕ ГИ ОТФРЛИ БОМБИТЕ КАКО ДОКАЗ ВО “ТРАЕКТОРИЈА“ ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИАвтопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид ги гради кинеската компанија „Синохидро“ со кредит од кинеската банка „Ексим“ од 580 милиони евра. - Специјалните обвинителки Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи (Фото: СДК.МК)

    Судијката Татјана Михајлова од Основниот суд Скопје 1 го прифати обвинението за криминалот со кинеските автопати, именуван „Траекторија“, каде од СЈО се обвинети екпремиерот Никола Груевски и уште троца поранешни владини функционери. Но, сè уште не е одреден датум за почеток на главното рочиште, потврди Основниот суд Скопје 1.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК Михајлова воопшто не ги ни издвоила бомбите, туку го прифатила обвинението сосе овие докази од прислушуваните разговори, во кои, меѓу другото, се договара и поткупот што треба да биде земен од изведувачот „Синохидро“ од Кина, ако сака да го добие тендерот.

    Криминалот, според СЈО, првообвинетиот поранешен вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот Миле Јанакиески и ексдиректорот на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски, го извршиле во втората половина од 2012 и во текот на 2о13 година во постапка за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид. Тие се обвинети дека со делото злоупотреба на службената положба и овластувањата, државниот буџет го оштетиле за 155.117.172 евра и за истиот износ на изведувачот „Синохидро“, му овозможиле на противправна имотна корист.

    „Четирите лица во постапката ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки и постапиле спротивно на условите на кинеската влада и кинеската банка Ексим како заемодавач“, рече обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи на 22 мј годинава, кога беше отворена истрагата.

    Истрагата за кинеските автопати произлегува од 14. бомба на лидерот на СДСМ и премиер Зоран заев, кој објави прислушуван разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот премиер Никола Груевски.

    Груевски, пак, во „Траекторија“ е обвинет за поткуп, односно примање награда за противзаконито влијание.
    Во разговорот додека трае тендерскиот процес за автопатите, Груевски го прашува Јанакиески „За ова ти колку предлагаш?“, на што Јанакиески одговара: „5%“. Јанакиески потоа дообјаснува дека во точен износ тоа „би се движело меѓу 15 и 18“. Груевски на крај го прашува: „Да не е многу бе, а? Да не се претера, претера новинарството?“.

    Во друг разговор од истата бомба, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески ѝ вели на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска: „Да ти кажам ноќеска каква порака добив, ми се смачи што ми идеше да му грабнам телефон да му ја скршам главата“ и потоа додава: „Нè тера да напраиме незаконско нешто. Не ја, Миле и Владо треба да потпишат со тие Кинезите и нејќат луѓето да потпишат. И во право се што нејќат“.

    Автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид ги гради кинеската компанија „Синохидро“ со кредит од кинеската банка „Ексим“ од 580 милиони евра. Двата автопата почнаа да се градат во февруари 2014 година. Автопатот Скопје-Штип требаше да биде готов до 1 мај годинава, а Кичево-Охрид до 29 јануари 2018 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира