СУДИЈКАТА ОЉА РИСТОВА СЕ ИЗЗЕМА ОД СУДЕЊЕТО ЗА ФУНКЦИОНЕРИТЕ НА ДУИ ОТКАКО ЈАНЕВА ЈА ОБВИНИ ДЕКА ДОЗВОЛИЛА ЗАКАНИ ЗА ОБВИНИТЕЛИТЕ ОД СЈО

    СУДИЈКАТА ОЉА РИСТОВА СЕ ИЗЗЕМА ОД СУДЕЊЕТО ЗА ФУНКЦИОНЕРИТЕ НА ДУИ ОТКАКО ЈАНЕВА ЈА ОБВИНИ ДЕКА ДОЗВОЛИЛА ЗАКАНИ ЗА ОБВИНИТЕЛИТЕ ОД СЈООд претходните рочишта на судењата на „Титаник 3“ (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев ја изземал судијката Оља Ристова од предметот „Титаник 3“, каде што е обвинет координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими,  по нејзино барање. Предметот преку АКМИС системот ќе биде доделен кај друг судија и формално, ќе почне одново.

    Судијата Ристова во барањето навела дека на емисијата „Код“ на телевизија Телма од 27 јануари, Специјалната обвинителка Катица Јанева  дала изјава во контекст на наводните закани од еден од бранителите во конкретниот предмет упатени кон обвинител од  надлежното обвинителство. Во таа насока, Јанева во својата изјава бара од новинарите и јавноста будно да го следат овој предмет бидејќи судот, како што вели,  не ги прифатил овие наводни закани како сериозни и не презел мерки во тој правец како и тоа дека не е воспоставен соодветен ред во судницата.

    „Во однос на оваа изјава, судијата Ристова смета дека со ваквото неосновано медиумско влијание за предмет за кој и онака секоја расправа се одвива  во присуство на претставници на медиуми, невладини организации и меѓународни претставници во земјата, се врши директен притисок и се доведува во прашање нејзината  независност и непристрасност во постапувањето, што отвора сомнеж во јавноста”, се обратила Ристова до претседателот на судот.

    Во соопштението Џолев наведува:

    „Во тој правец и Судот овие изјави на СЈО ги разбира како обид за директен притисок врз судијата, иако медиумското следење на предметот од поднесување на обвинителниот акт преку неговата оценка и отпочнување на главната расправа се одвива со постојано присуство на медиумите и соодветни известувања за јавноста. Судот смета дека во постапката на овој предмет судијата има излезено во пресрет во однос на сите барања на странките, а редот во судницата никогаш не бил доведен во прашање”, се наведува во соопштението.

    Сепак заради отстранување и на најмал сомнеж за пристрасност, а имајќи ги предвид изјавите на судијата Оља Ристова и наводите на СЈО во однос водењето на постапката од страна на судот, Ристова е изземена, вели претседателот.

    Овој судски процес беше доведен при крај, кон завршни зборови. Но, само што заврши претходното рочиште, во судницата се спречкаа Мефаил Арслани, адвокатот на Аљими, и обвинителите од СЈО Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи, кои пред полна судница го потсетија адвокатот дека преку Фетаи, во множина односно не во лично име, му упатувал закани по живот на нејзиниот колега Бубевски.

    Настанот се случил во ноември, а Бубевски со докази од сведоци кривична пријава за заканите поднесе до ОЈО Скопје пред десетина дена. Во кривичната тој зборува и за заканите против сведоците од обвинетите Ејуп Алими и Исмет Гури.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира