СУДОТ НЕ ИМ ГИ ДАЛ ДОКАЗИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ КОЧАН И АВИРОВИЌ, СЈО ЌЕ ИМ ГИ СНИМИ НА УСБ

    СУДОТ НЕ ИМ ГИ ДАЛ ДОКАЗИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ КОЧАН И АВИРОВИЌ, СЈО ЌЕ ИМ ГИ СНИМИ НА УСБОбвинетиот Сеад Кочан (лево) пристигнува утринава во Основниот суд Скопје за првото рочиште од судењето за слулчајот на СЈО „Труст“. (Фото: М. Златевска)

    Судскиот процес „Труст”, каде првообвинет е вратениот од бегство бизнисмен Сеад Кочан, газда на „Трансмет”, не може сè уште да почне, бидејќи одбраната тврди дека обвинетите примиле само обвиненија, без листа на докази што ги предлага Специјалното јавно обвинителство.

    Адвокатката на второобвинетиот Василије Авировиќ, син на пратеничката од Социјалистичката партија Владанка Авировиќ, побара одлагање додека СЈО не им испрати докази, за да можат, како што рече, да ја подготват одбраната.

    „Доставивме докази во доволен број, за секој учесник во постапката. 13 примероци на 81 страна доставивме и тука нашата работа заврши. Работа на Советот од Основниот суд Скопје 1 за оценка на обвинителниот акт е дали ги доставил и зошто не ги доставил до обвинителите и листите со докази покрај обвиненијата”, рече обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски.

    Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска констатираше дека СЈО доставил докази во 13 примероци до судот. Остана тврдењето на адвокатите дека на ниту еден од обвинетите Судот не им ги дал доказите, а е должен според Законот за кривична постапка. Адвокатите и обвинителите од СЈО Артан Ајро и Гаврил Бубевски се договорија по рочиштето, да одат во СЈО и на УСБ сами да си ги снимат доказите.

    Во случајот „Труст“ се работи за фалсификување на документација за добивање тендер од ЕЛЕМ тежок 17 милиони евра. Покрај Кочан и Авировиќ, обвинет е и Сафер Ватиќ, сопственик на “Вато Дооел Студеничани”. Судењето се одложи за 14 ноември во 9.30 часот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира