Основниот суд во Неготино како надлежен првостепен кривичен суд, одлучувајќи по обвинителен предлог на Јавното обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од Квир центар против С. М. од Демир Капија за кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.
Обвинетиот во јули лани на социјалната мрежа Фејсбук под споделен новинарски текст напишал два коментара со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ-заедницата, во кои повикал на насилство кон оваа маргинализирана група. Со тоа, обвинетиот сторил кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик.
Судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година ако го повтори делото. Утврдената казна затвор нема да се спроведе ако обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.
„Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство против кое било лице или група и врз која било дискриминаторска основа. Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем предвидена е казна затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група“, вели Скопскиот квир центар.
Скопскиот Квир центар ја поздравува одлуката на Неготинскиот суд. Смета дека Судот демонстрирал дека ги сфаќа сериозно поттикнувањето насилство и креирањето загрозувачка средина за ЛГБТ луѓето.
„Говорот на омраза поттикнува чинење дела од омраза, па Квир центар смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа по кој основ или различност ќе бидат мета на говор на омраза или дела од омраза“, велат оттаму.
С. К. ДЕЛЕВСКА