СУДСКИ СОВЕТ И ВРХОВЕН СУД СИ КУПИЛЕ ПО ЕДНО БМВ СЕРИЈА 5

    СУДСКИ СОВЕТ И ВРХОВЕН СУД СИ КУПИЛЕ ПО ЕДНО БМВ СЕРИЈА 5Принтскрин од презентација за работата на Судскиот совет (архивска фотографија)

    Судскиот совет и Врховниот суд минатата година си купиле по едно БМВ 520д по цена од 40.600 евра, додека на чело на институциите беа Зоран Караџовски и Јово Вангеловски. Овие две возила се меѓу десетте најскапи набавени од државните институции во последните две и пол години, според анализата на Центарот за граѓански комуникации.

    Анализата покажа дека во текот на 2018, 2019 и дел од 2020 година, нови патнички возила набавиле 132 државни институции за вкупна сума од 8 милиони и 130 илјади евра. Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.

    Поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски на 11 април 2019 потпишал договор со импортерот на БМВ за набавка на БМВ 520д, додека експретседателот на Судски совет Зоран Караџовски потпишал договор за набавка на истиот модел на 21 април 2019, месец дена пред да му истече мандатот.

    Најскапо возило набавено од државна инситуција изминативе две и пол години е Ауди А6, вредно 66.695 евра, набавено од Општина Струга, покажа анализата на Центарот за граѓански комуникации, невладина организација која ги следи јавните набавки.

    Најмногу патнички возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, 46 Фолксваген пасати. Следен, со 23 возила е Државниот пазарен инспекторат, а со едно возило помалку, односно 22 возила е Државниот инспекторат за земјоделство. 13 возила набавила Царинската управа, а по 11 нови возила набавиле Министерството за одбрана, Здравствениот дом Скопје и Централниот регистар. Осум возила купила Управата за финансиска полиција, а по седум нови возила набавиле Министерството за внатрешни работи, Собранието на Република Северна Македонија, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Државниот пазарен и санитарен инспекторат.

    Во овој период, нови возила набавиле и 20 судови од земјава, како и Академијата за судии и јавни обвинители.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира