СУДСКИОТ СОВЕТ ДОЗВОЛИ ДА СЕ ОДОЛГОВЛЕКУВААТ СУДЕЊАТА НА ГРУЕВСКИ, СИТЕ ПОЧНУВААТ ОД НУЛА

    СУДСКИОТ СОВЕТ ДОЗВОЛИ ДА СЕ ОДОЛГОВЛЕКУВААТ СУДЕЊАТА НА ГРУЕВСКИ, СИТЕ ПОЧНУВААТ ОД НУЛАСекаде каде што Груевски е обвинет, судењата се враќаат на почеток најмалку еднаш. - Судски совет; Никола Груевски (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет вчера конечно неправосилно го разреши за нестручно и несовесно работење судијата Горан Бошевски, кој на очиглед на јавноста го одолговлекуваше судењето „Траекторија“ за кинеските автопати, во кој обвинет беше поранешниот премиер Никола Груевски. Судењето почна на 1 март 2018, а во октомври 2019 година му застаре делото на Груевски, па обвинети останаа Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски.

    Кога во октомври 2019 година му застаре делото Примање награда за противзаконито влијание на Груевски во „Траекторија“, од обвинителството и судот уверуваа дека нема шанси да им застари делото Злоупотреба на службената положба и овластувања на останатите тројца обвинети, бидејќи застареност во нивниот случај настапува во октомври 2023 година. Сега сме јули 2021, судењето допрва ќе почне отпочеток, а за правосилност треба и одлука од Апелациониот суд, каде што предметите знаат да се задржат и по две години.

    Судскиот совет дозволи над три години судењето на „Траекторија“ да биде „на апарати“, со закажување на рочиштата со големи паузи, а на обвинетите и одбраната им овозможуваше бескрајно да зборуваат, да приговараат, да му реплицираат на обвинителот…

    Сега кога дојде до завршница, со разрешување на судијата, судењето почнува од нула, со воведни зборови, изјаснување за вина, па главна расправа со сослушување сведоци и изведување материјални докази итн.

    Поради разрешувањето на судијата Бошевски, на почеток се враќа и случајот „Талир 1“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, каде што првообвинет е Груевски. Бошевски во овој предмет беше втор судија во судечкиот совет.

    Секаде каде што Груевски е обвинет, судењата се враќаат на почеток најмалку еднаш. „ТНТ“ за рушењето на „Космос“ веќе се врати на почеток поради пензионирање на поротник и не му се гледа крајот. Вчера се одржа рочиште, на кое беше испитан еден (1) сведок.

    Предметот „Титаник“ за изборни злоупотреби, како и „Талир 2“ за изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ наскоро се враќаат на почеток поради пензионирање на поротник, нешто што Судскиот совет го занемарил иако бил известуван Основниот кривичен суд, каде што се водат овие случаи.

    Поради пандемијата на ковид-19 повеќе месеци не се одржуваа судења, но нема јавен податок дека Судскиот совет презел нешто во врска и со таквото течење на рокови.

    Груевски е правосилно осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ за набавка на „мерцедесот“ и неправосилно осуден на 1,5 години во случајот „Насилство во Општина Центар“.

    Груевски избега во Унгарија во ноември 2018 година, кога требаше да му биде врачено решението за упатување на издржување на затворската казна за „Тенк“.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира