Препораките на оценската мисија од ЕУ која дојде во Судскиот совет по пучот врз претседателката Весна Дамева, почнаа да се спроведуваат.
Како што кажа Дамева на денешниот брифинг со новинарите, се менува деловникот во мај, за да не се чуваат веќе по фиоки предмети за судиска одговорност. Рече дека за жал, има и такви постапки кои траат и по 2 години, зашто одредени членови тие предмети не ги вадат од шкаф.
„Јавноста ќе знае кај кој член дошол предмет, кога дошол, колку останал кај него. Ова е и се види ажурноста на секој член на Судскиот овет”, кажа таа.
Натаму, по новата методологија, за дополнителна работа на судиите ќе се даваат дополнителни бодови, а тоа што се делегираат судии во судови во други градови, отсега нема да биде казна, туку ќе се наградува.
„Бодовите на судиите што се кандидирале за унапредување, ќе се објават јавно на веб-страната како ранг- листа пред седницата за избор и унапредување. Јавност сама ќе цени зошто некој член прескокнал повисокорангиран кандидат, па гласал на пример за 13. на листата. Ќе треба да објасни и зошто не гласал за високорангиран судија, а јавноста ќе цени дали причините се оправдани, или тоа членот на Судскиот совет го направил поради политички или поради бизнис врски, блискост со судијата, од одмазда што не прошол некој негов кандидат и слично”, рече Дамева.
Ќе се скратуваат роковите за постапување по претставките, роковите за избор или унапредување на судии, за разрешување на судии, кои знаат да траат до бескрај.
Отсега, дополни Дамева, кој член на Советот како гласал, ЗА или ПРОТИВ, ќе си се прочита на монитор, од каде ќе читаат, гледаат и новинарите, како и граѓаните.
С. К. ДЕЛЕВСКА