СУДСКИОТ СОВЕТ МУ ОТВОРИЛ НОВА ПОСТАПКА НА СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ ОТКАКО САД ГО СТАВИЈА НА ЦРНАТА ЛИСТА, НО ТОЈ НЕ ДОШОЛ НА СЕДНИЦАТА

    СУДСКИОТ СОВЕТ МУ ОТВОРИЛ НОВА ПОСТАПКА НА СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ ОТКАКО САД ГО СТАВИЈА НА ЦРНАТА ЛИСТА, НО ТОЈ НЕ ДОШОЛ НА СЕДНИЦАТАСедницата за сослушување на Беџети е презакажана за следната недела, бидејќи бил болен. (Фото: Судски портал)

    Судскиот совет му отворил нова постапка за разрешување на судијата Енвер Беџети откако лани го казни само со 20 отсто од платата за чувањето во фиока на предметот за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ на Сашо Мијалков. Минатата недела, апелациониот судија Беџети не дошол кога бил поканет да дојде да даде одбрана пред Судскиот совет. Пратил известување дека е болен, неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Седницата за негово сослушување е одложена.

    Новата постапка против Беџети била отворена веднаш откако Стејт департментот го стави на црната листа корумпирани функционери, непожелни за влез во САД. Не е познато на која околност му е новата постапка за разрешување на Беџети. Во Судскиот совет велат дека според законот, овие постапки се тајни. Познато е само дека седницата е закажана за следната недела, за кога се очекува дека Беџети ќе дојде и ќе ја искористи шансата да даде одбрана.

    Надлежните за Апелација влегоа во контрола под притисок на јавноста и секојдневните прашања каде е предметот „Тврдина-Таргет“, зошто судијата-известител Енвер Беџети тврди дека го работи 9 месеци, што е со предметот „Транспортер“ кој го чуваше 2 години и не го ставаше на расправа и носење пресуда. Тие заклучија дека судијата Беџети со месеци или со години законски неоправдано ги чувал овие предмети во фиока и не ги давал да се одлучи по нив.

    Едвај се отвори дисциплинска постапка и тој беше казнет само со 20 отсто од платата. Поради Беџети, неговите приврзаници во Судскиот совет насилно и незаконски ја разрешија претседателката Весна Дамева и само затоа што не го бираа него за врховен судија, тие негови поддржувачи во Советот не избраа ни други кривичари во Врховниот суд.

    Не само што беше причината за пучот во Судскиот совет против Дамева, што го предводеше Селим Адеми, поддржан од Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Илиевска и Лорета Георгиева, туку Беџети вчера беше искористен и од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои се обидоа незаконски да разрешат членови на Советот, преку интерпелации.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира