Судењето за петкратното убиство кај Смилковско езеро во април 2012 година е прекинато затоа што еден од сведоците се онесвести.
Судијата Огнен Ставрев го прекина судењето откако Ахмет Бекир, сведок – рибар кој на 12 април 2012 година со уште тројца рибари ги слушнале истрелите и ги виделе како лежат мртви четирите момчиња кај Смиловското езеро, падна во бесознание во судницата.
Се чека лекарска помош за сведокот.
Тој се онесвести кога по распитот од Ставрев, пристапи да го испрашува обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи. Таа љубезно на сведокот, кој патем кажа дека е со оштетен слух, му го предочи исказот од пред 6 години даден за монструозниот настан пред истражен судија и обвинител, по што сведокот падна во несвест.
Обвинителката Фетаи отиде пред него, за да ја слуша подобро. Го праша дали му треба столче. Тој пребледе, но одби да седне.
Минатата недела во истата судница се онесвести обвинет за обид за убиство на Зијадин Села, по што заврши на кардиологија. Судницата и денес беше преполна, но овојпат немаше вклучено клима уред, кој бучи и тече, а денешниот сведок не слуша добро.
С. К. ДЕЛЕВСКА