ТАЈНОТО ГЛАСАЊЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКИОТ МАНДАТ НЕМА ДА ГИ СПАСИ УСТАВНИТЕ СУДИИ ОД ЗАТВОР

    ТАЈНОТО ГЛАСАЊЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКИОТ МАНДАТ НЕМА ДА ГИ СПАСИ УСТАВНИТЕ СУДИИ ОД ЗАТВОРУставниот суд задутре ќе расправа за инцицијативите за бришење на членовите од Законот за локална самоуправа со кои мандатот на градоначалниците и советниците се ограничува на 4 години. - Влезот на Уставниот суд уште стои ишаран (Фото: СДК.МК)

    Уставните cудии кои ќе гласаат за продолжување на мандатот на градоначалниците и советниците избрани пред четири години и ќе им го продолжат владеењето, нема да може да се скријат од кривична одговорност.

    „Постапката на гласањето во Уставниот суд е тајна. Но, за секоја седница и за гласањето по иницијативите, се води записник. Во тој записник се заведува по име и презиме кој уставен судија како гласал. За потребите на евентуална кривична постапка, која би се покренала ако Уставниот суд излезе надвор од своите ингеренции и на градоначалниците им обезбеди вечно владеење, тој таен записник може да се отвори и обвинителот да види кој судија гласал ЗА“, објаснуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од обвинителството, но и од Уставниот суд.

    Уставниот суд го смени дневниот ред за седницата в среда, ги уфрли иницијативите на Министерството за правда и на Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, за бришење на членовите од Законот за локална самоуправа и од Изборниот законик, кои го ограничуваат мандатот на градоначалниците и советниците на 4 години.

    Не се знае дали иницијативите в среда ќе бидат прифатени и ќе влезат во процедура во Уставниот суд, или ќе бидат отфрлени. Важно е, велат кривичарите, дека кога ќе дојде гласањето, уставните судии нема да може да се скријат зад тајноста на гласањето која е пропишана во деловникот на судот.

    Академик Владо Камбовски пред две недели ги предупреди уставните судии дека Уставниот суд нема надлежност и не смее да одлучува за продолжување на мандатот на градоначалниците, туку тоа може да го направи само Собранието.

    „Оние уставни судии кои ќе гласаат за укинување на двата члена од Законот за локална самоуправа кои пропишуваат дека мандатот на градоначалниците трае четири години, прават кривично дело ‘злоупотреба на службената положба и овластувањата’. Во Кривичниот законик на РМ за ова дело е предвидена казна затвор“, предупреди Камбовски.

    Непосредно откако беа поднесени иницијативите до Уставниот суд, реагираше и професорот по управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Борче Давитковски.
    „Иницијативите до Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа со кои се ограничува траењето на мандатот на градоначалниците на 4 години е скандалозна и невидена во демократијата. Нонсенс е Уставниот суд да одлучува за продолжување на мандатот на локалната самоуправа, а не Собранието. Уставниот суд цени дали некој закон е усогласен со Уставот или не“, вели тој.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира