ТАЛАТ ЏАФЕРИ И КООРДИНАТОРИТЕ ЌЕ УЧАТ УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ ВО ШАНГАЈ, СОБРАНИЕТО НЕ РАБОТИ

    ТАЛАТ ЏАФЕРИ И КООРДИНАТОРИТЕ ЌЕ УЧАТ УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ ВО ШАНГАЈ, СОБРАНИЕТО НЕ РАБОТИДелегацијата на Собранието при посетата на Кина имаше можност да го посети и Центарот за урбано планирање на градот Шангај. - Талат Џафери со кинескиот колега Донг Јунху (Фото: Фејсбук на Талат Џафери)

    Освен на 12 јуни, кога беше констатирана оставката на осудениот азилант Никола Груевски, друга пленарна седница на Собранието немало во јуни. Засега нема закажано ни до крајот на месецов. Претседателот Талат Џафери и делегација од Собранието во моментов се во посета на Кина. Секогаш кога е спикерот е на службен пат, Собранието не работи иако има тројца потпретседатели.

    Според известувањето на веб порталот на Собранието, најсуштинско во посетата на Кина е тоа што делегацијата на чело со спикерот во Шангај учела за урбанистичко и просторно планирање.

    „Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија имаше можност да го посети и Центарот за урбано планирање на градот Шангај, кој има население од 24 милиони жители и се протега на површина од 660 километри квадратни, а својот најголем развој го доживува во последните 20 години. Беше претставено и функционирањето на локалните центри и начинот на кој се решаваат урбаните проблеми, а кој како модел се применува и во останатите градови во НР Кина“, се наведува на веб страната на Собранието за оваа посета.

    Џафери во Кина ја предводи Делегацијата во чиј состав се потпретседателот Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи на СДСМ  Јован Митрески, на ДУИ Ејуп Алими, на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Мицевски, претседателот на Пратеничката група за соработка со Народна Република Кина Владанка Авировиќ и генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова.

    Џафери се сретнал со домаќинот, колегата Донг Јунху, претседател на Шангајскиот комитет на Кинескиот народен политички консултативен совет.

    „Клучните функции на Советот вклучуваат консултации за фундаменталните политики и принципи на национално и локално ниво за најважните прашања од политичкиот, економскиот, културниот и социјалниот живот, во процесот на донесување на законите и следење на нивната имплементација“, се наведува во соопштението на Собранието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира