ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПРЕДЛОЖИ ОНЛАЈН СОБРАНИЕ, ИЗМЕНАТА НА ДЕЛОВНИКОТ ВЛЕЗЕ ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА

    ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПРЕДЛОЖИ ОНЛАЈН СОБРАНИЕ, ИЗМЕНАТА НА ДЕЛОВНИКОТ ВЛЕЗЕ ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА„Предложените измени се токму во насока на непречено работење на Собранието со овозможување на далечинска односно електронска работа на пратениците со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела“, вели Џафери. (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска сам поднесе Предлог на деловник за дополнувања на Деловникот на Собранието по скратена постапка, со кој бара пратениците да изгласаат да работат онлајн, поради пандемијата со коронавирус.

    „Имајќи ја предвид новонастанатата состојба предизвикана од Корона вирусот COVID-19, поаѓајќи од уставно загарантираната функција на Собранието на Република Северна Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, кој својата организација и функционирање ги уредува во согласност со Уставот и Деловникот, потребно е одредбите од Деловникот на Собранието да се усогласат спрема новонастанатата здравствена состојба. Предложените измени се токму во насока на постигнување на таа цел односно, непречено работење на Собранието со овозможување на далечинска односно електронска работа на пратениците со електронско присуство на седниците на Собранието и работните тела а во исто време овозможување на остварување на претставничката функција”, соопшти попладнево спикерот Џафери.

    Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се противи на онлајн работење, зашто велат дека со тоа владејачкото мнозинство сака да избега од проблемот со тесно мнозинство во Парламентот. Не помогнаа досега убедувањата дека и незаразени пратеници кои по закон мора да одат во изолација поради контакт со заразен, сакаат да учествуваат во работата на Собранието секој ден, без изостаноци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира