Советот за оценка на обвинителен акт во Основниот суд Скопје 1 одлучил да го oдобри обвинителниот акт против градоначалникот на Битола Владимир Талески, кого Специјалното јавно обвинителство го гони за злоупотреба на службената положба и овластувањата со школски автобуски превоз во случајот „Транспортер“.
И овој обвинителен акт на СЈО, по тој против ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, се паднал кај сваровски судијката Лидија Петровска. Специјалната обвинителка Катица Јанева за судскиот процес против Грујовски за „Тврдина 2“, веќе покрена иницијатива за разрешување на Лидија Петровска пред Советот за утврдување на факти. Советот на факти уште го нема завршено овој случај и му нема предложено на Судскиот совет да ја разреши Петровска, а неа веќе и се доверува друг случај по покренато обвинение од СЈО.
Судењето на Талески не е закажано.
„Откако обвинителниот акт, согласно АКМИС – електронскиот систем, е распореден на судија Лидија Петровска за понатамошно постапување во судечки совет, ќе биде закажан термин за одржување на главна расправа за што странките ќе бидат известени, а јавноста ќе биде благовремено информирана“, соопшти Основниот суд Скопје 1.
Јанева поднесе иницијaтива за разрешување на Петровска, откако таа со месеци го држеше во подготвителна расправа и не даваше фактички да почне судскиот процес против екначалникот Грујовски и шестемина вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, обвинети за незаконско уништување (палење) на докази за прислушувањето.
С. К. ДЕЛЕВСКА