ТАМАРА ГИ ОТКАЖА КОНЦЕРТИТЕ ВО ОХРИД И ПРИЛЕП

    ТАМАРА ГИ ОТКАЖА КОНЦЕРТИТЕ ВО ОХРИД И ПРИЛЕПТамара Тодевска беше победник во гласањето на жиријата на годинашната Евровизија во Израел. Во вкупниот пласман, таа го освои седмото место, што е нов најдобар резултат за Македонија во досегашните учества. (Фото: ЕБУ)

    Тамара Тодевска ги откажа концертите во Охрид и Прилеп и вели дека го направила тоа во интерес на смирување на целата ситуација која излегла вон контрола по, како што кажа, очигледната ненамерна грешка при пеењето на химната. Евровизиската претставничка вели дека погрешната изведба на химната ѝ го направила животот пекол нејзе и на нејзиното семејство и бара од јавноста да ја надмине нејзината грешка и да најде начин да сфати дека е повеќе од ненамерна.

    „Почитувани, очигледната ненамерна грешка при пеењето на химната прерасна во вистински пекол за мене и моето семејство. Со оглед на тоа што не сакам да придонесувам за зголемување на нашата агонија како семејство и во интерес на смирување на целата ситуација која излезе вон контрола, решив да ги откажам концертите во Прилеп и Охрид. Се надевам дека оваа моја грешка, повторувам грешка, ќе успеете да ја надминете и дека ќе најдете начин да разберете дека е повеќе од ненамерна. Би сакала да се заблагодарам на сите што беа покрај мене во овие тешки мигови. Ниту сум била ниту ќе бидам дел од нечии политички игри, моето семејство е мој број еден приоритет и нивниот мир е на прво место при секој избор“, напиша Тамара на Фејсбук.

    Тамара имаше закажано концерт во Античкиот театар во Охрид на 27 јули, а требаше да настапи и на „Пиво Фест“ во Прилеп. На 3 јули, на прием во Американската амбасада во Скопје, Тамара испеа своја верзија на македонската химна, при што го испушти делот со „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“. Истата грешка таа ја направи и пред 6 години, кога ја пееше химната пред фудбалскиот натпревар на македонската репрезентација со Белгија.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари