Тамара Тодевска, која синоќа на прием во Американската амбасада ја згреши македонската химна, ја испеа истата погрешна верзија на химната и на фудбалскиот натпревар на македонската репрезентација со Белгија во Скопје во март 2013 година.
Како и на приемот по повод 4 Јули, американскиот Ден на независноста, евровизиската претставничка на Градскиот стадион пред 6 години испеа стара верзија на химната со стиховите „Старо младо машко и женско, на нозе се кренало!“ и „Не плачи Македонијо мајко мила, Крени глава гордо високо“, кои не се дел од официјалната верзија. Исто така, таа и тогаш ги прескокна стиховите „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“ и „Горите Македонски шумно пеат, нови песни, нови весници!“.
- ТАМАРА ЈА УТНА ХИМНАТА НА ПРИЕМОТ ВО АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ЗА 4 ЈУЛИ
- ПОНЕСЕНА ОД ЕМОЦИИ НЕНАМЕРНО ИЗОСТАВИВ ДЕЛ ОД ХИМНАТА, ТАМАРА СЕ ИЗВИНИ ЗА УТКАТА НА ПРИЕМОТ ЗА 4 ЈУЛИ
Пејачката тогаш за „Вест“ рече дека не го згрешила текстот на химната, туку само ги избрала првата и последната строфа од текстот што го нашла на „Википедија“.
„Не се работи за никаква грешка. На ’Википедија‘, македонската химна е напишана во четири строфи. Во интерес на времето ми рекоа да изберам две строфи, јас ги избрав првата и последната. Токму на последната строфа имаше бура од врескање, значи дека на навивачите им се допадна мојот избор“, изјави Тамара во 2013 година за „Вест“.